X
 18.09.2018 Култура

Холандија ja доби првата рециклирана пластична патека за велосипеди

Холандија долги години е позната како земја на велосипедистите. Холанѓаните обожаваат велосипеди. Толку многу, што популацијата од 17 милиони поседува повеќе од 22 милиона велосипеди.

Зошто луѓето што просечно поседуваат по 1,3 велосипед да немаат убави места каде што ќе можат да ги возат? Само Амстердам има речиси 800 километри велосипедски патеки. Постои патека што свети во темница и изгледа како да излегла од слика на Ван Гог.

Сега, Холанѓаните ќе можат да возат велосипеди и на првата велосипедска патека направена од рециклирана пластика. Патеката е долга 30 метри, а е дело на иноваторите Ен Коудстал и Сајмон Џоритсма. Тие велат дека тоа е голем чекор кон одржлив пат.

1

Патеката се наоѓа во градот Зволе, на северот од Холандија, а содржи пластика еквивалентна на 218.000 пластични чаши.

Осум милиони тони пластични шишиња, амбалажи и друг отпад завршуваат во океаните секоја година убивајќи го морскиот живот. Пластиката навлегува и во човечкиот синџир на исхрана, наведува програмата на ОН за животна средина.

Проектот е прв голем чекор кон одржлива сообраќајна иднина направена од рециклиран пластичен отпад.

Гус Велдерс, водечки експерт за заштита на животната средина, ја поздрави новата иницијатива велејќи дека ова е позитивен чекор кон повторна употреба на исфрлениот материјал.

Но, Ема Пристланд, активистка на „Пријатели на земјата“, тврди дека примарното решение за пластичното загадување лежи во спречување на употребата.

- Употребата на пластиката за изградба на велосипедски патеки може да помогне при отстранување на пластиката од отпадите, но уште не е јасно што се случува со таа пластика кога ќе се потроши површината на патеката - вели таа.

Градовите како Лондон, Амстердам и Париз бараат начин за преминување на циркуларна економија. Под тоа се подразбира повторна употреба на производи, делови и материјали, се спречува создавањето на отпадот или загадувањето, како и користење помалку нови средства и енергија.

За ноември се планира отворање на втора ваква патека во Гиторн на североистокот во Холандија.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура