X
 18.09.2020 Наша тема

По 10 студенти во првиот уписен рок. Зошто е мал интересот за студирање македонски јазик?

Од лани почнаа обидите да се подобри ситуацијата, но пандемијата на Ковид-19 стопира многу процеси, па и поддршката на македонскиот јазик

По десет студенти во првиот уписен рок. Олкав беше годинава интересот на матурантите за студиите по македонски јазик на универзитетите „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и „Гоце Делчев“ во Штип. Сепак, деканките на двата универзитета се задоволни и од овие бројки зашто имало години кога на една рака се броеле запишаните студенти. Зошто е толку мал интересот за студирање на македонистика, како да се зголеми интересот на идните студенти, што можат да преземат универзитетите, а што државата за да се подобри состојбата, која трае подолго време?

Македонистите и лингвисти велат дека е комплексен проблемот и многу фактори придонеле за бројките со кои се соочуваме денес. Од лани почнаа обидите да се подобри ситуацијата, но пандемијата на Ковид-19 стопира многу процеси, па и поддршката на македонскиот јазик, велат упатените. Лани беше подготвен предлог-законот за македонски јазик кој стигна до јавна расправа, но не влезе во собраниска процедура поради распишувањето предвремени парламентарни избори и распуштањето на Собранието. Потоа Македонија влезе во вонредна состојба поради Ковид-19.


Холот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“

Проф. д-р Анета Дучевска, деканка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, вели дека годинава на првиот уписен рок се пријавиле 10 студенти за студиите по македонски јазик. Според неа, оваа бројка и не е така лоша со оглед на тоа што преклани се запишале само шест студенти.

- Не треба да се заборави дека таа година се полагаа приемни испити, а тоа ги филтрира работите. Сметам дека бројката не е толку важна колку што е битен квалитетот. Лани, кога беше одлучено 5 Мај да се одбележува како Ден на македонскиот јазик, Владата се обврза да придонесе со стипендирање на студиите по македонистика. Ние, пак, се обврзавме да обезбедиме учебници и материјали за да привлечеме што повеќе студенти. Требаше да се реализира, но се случи пандемијата и сѐ застана - вели Дучевска.

Според неа, факт е дека отворањето на другите филолошки факултети во земјава придонело за падот на бројот на студенти на сите студиски групи, па и на катедрата за македонски јазик. На прашањето дали тоа придонело за паѓање на квалитетот на дипломираните студенти, Дучевска вели:
- Без разлика на бројноста, ако се работи квалитетно, секаде ќе има квалитет. Ако се работи на квантитет, ќе добиете квантитет.

УГД обезбеди стипендии за бруцошите

Проф. д-р Драгана Кузмановска, деканка на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, вели дека уште пред пандемијата донеле одлука како да го зголемат интересот на студентите за македонскиот јазик.

Проф. д-р Драгана Кузмановска

- Понудивме стипендии за студентите што ќе се запишат да студираат македонистика во прва година. Имаше ефект. Во првиот уписен рок се запишаа 10 студенти, а досега имаше по 4-5. Се обидовме преку промотивни материјали и видеа да им објасниме што сѐ можат да работат со диплома од областа на македонскиот јазик - објаснува Кузмановска.

Според неа, главниот проблем е што идните студенти мислат дека со диплома по македонски јазик тешко ќе најдат работа. Вработувањата ги гледаат во основните и во средните училишта, а тие места се ограничени и кога ќе се пополнат, нема вработување додека актуелниот кадар не си замине во пензија.

- Се обидовме на идните студенти да им предочиме дека лектори треба да бидат вработени во сите медиуми, во сите државни и приватни фирми. Дека постојат и други алтернативи за вработувања - објаснува Кузмановска.

Во новите програми на факултетот македонскиот јазик веќе не е изборен, туку задолжителен предмет. Според Кузмановска, за да објасните нешто на странски јазик, прво мора да имате добри познавања од мајчиниот.

- Македонскиот јазик е многу богат. Но, не треба само да зборуваме дека ни е важен, тоа треба и да го покажеме. Државата може многу да направи. Не смее да се дозволи нелекториран текст да биде јавно објавен. Ние почнавме да инсистираме на лектура и на дипломските работи, не само на магистерските и докторските трудови. Се обидуваме да придонесеме колку можеме повеќе - објаснува Кузмановска.

Таа додава дека организираат работилници не само за студенти, туку и за ученици од основното и од средното образование зашто од најмала возраст треба да се негува односот кон мајчиниот јазик.

Људмил Спасов: Недонесувањето предлог-законот закочи многу работи

Проф. д-р Људмил Спасов е претседател на Советот за македонски јазик при Владата и редовен професор на катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на УКИМ. Тој вели дека многу нешта тапкаат в место поради недонесувањето на предлог-законот за македонски јазик. Спасов го поздравува чекорот на УГД за стипендирање студии по македонски јазик и вели дека е многу добра идеја. Тој додава дека во предлог-законот за македонски јазик е предвидено стипендирање на студенти по македонистика во сите три циклуси.

Според Спасов, има многу фактори за континуираниот слаб интерес за студирање на македонскиот јазик.
- Има сѐ помалку работа за наставниците, во споредба со минатото класовите се сѐ помали, продолжува трајното иселување од земјава. Дополнително, катедрите по македонски јазик на универзитетите во Тетово и во Штип, и комбинираното изучување на македонскиот јазик во Битола ја зголемија конкуренцијата. Не треба да се заборави дека и на приватните факултети македонскиот јазик се изучува повеќе во преведувачката дејност, како апликативна дејност - објаснува Спасов.


Проф. д-р Људмил Спасов / Архива: Факултети.мк

Тој вели дека предлог-законот предвидува и стипендии, вработувања или ангажирања на лектори, особено во јавните институции. Тоа ќе ја зголеми и шансата за вработување, а со тоа и интересот. Според Спасов, донесувањето на предлог-законот ќе се актуализира деновиве. Треба да помине во собраниска процедура и поради почетокот на преговорите со Европската Унија.
- Со тоа македонскиот јазик ќе се вброи во јазиците на ЕУ, па нема да се афирмира само во државата, туку и надвор од неа. Радува фактот што за изучување на македонскиот јазик се запишуваат и студенти кои не се Македонци по националност и се одлични студенти. Тоа покажува дека сме на добар пат во градењето граѓанска држава - вели Спасов.

Според предлог-законот, се предвидува задолжително ангажирање или вработување лектори по македонски јазик во сите државни и јавни установи и институции, Владата, Собранието и министерствата, па сè до локалната власт, универзитетите, научните институции, средните и основните училишта, медиумите и сите други чинители во општествениот живот во земјава, и во државниот и во приватниот сектор. Се утврдува и задолжително изучување на македонскиот јазик на сите високошколски образовни установи во два семестра, што не беше практика досега. Првпат се предвидуваат стипендии за студентите по македонски јазик и литература на сите три циклуси на високото образование и на сите универзитети во државата.

Предвидена е натамошна афирмација на македонскиот јазик во странство преку обновување на старите и отворање нови лекторати по македонски јазик на странските универзитети, на високошколските и научните установи што се занимаваат со славистика, во државите во кои се изучувал досега, како и во оние држави каде што македонскиот јазик воопшто не бил застапен. Ова особено се однесува на соседните држави - Србија, Бугарија, Грција, Албанија, Косово и пошироко - Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Италија, Унгарија, Романија, Турција. Предлог-законот предвидува македонскиот јазик да се изучува и во рамките на културните центри при амбасадите на Македонија во странство.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема