X
 18.09.2020 Култура

Што знаеме за „спинофите“ на „Игра на троновите“ што беа најавени?

Кружеа шпекулации за повеќе „спинофи“ (серии базирани на постојни серии) на „Игра на троновите“ уште пред да заврши серијата. Што се случува со нив сега?

Една од сериите поврзани со приказната на популарната серија е наречена „Крвава месечина“ (Bloodmon), а е позната и како „Долгата ноќ“ (The long night). Дејството е сместено во добата на хероите, околу 8.000 години пред настаните во „Игра на троновите“.

Вестерос би изгледал многу поинаку во ова време, но веројатно може да има членови на семејството Старк, како и Белите талкачи. Била снимена првата епизода на оваа серија и таа им била прикажана на претставници од Ејч-би-о. Џорџ Р. Р. Мартин, автор на книгите на кои беше заснована серијата „Игра на тронови“, бил извршен продуцент, а во неа глумеле Наоми Вотс, Џош Вајтхаус, Џорџи Хенли, Тоби Регбо, Наоми Еки и други.


Фото: YouTube

Меѓутоа, Ејч-би-о одлучила да не продолжи со проектот. Наместо тоа, се чини дека се фокусира на друга серија поврзана со „Игра на тронови“, а тоа е „Куќата на змејот“ (House of the dragon). Оваа серија веројатно ќе биде за граѓанската војна во која било вклучено семејството Таргеријан, позната како Танцот на змејовите.

Таа се одвива речиси 200 години пред настаните во „Игра на троновите“. Серијата ќе биде заснована на книгата „Оган и крв“ на Џорџ Р. Р. Мартин, која е книга за генерациите на семејството Таргеријан и настаните поврзани со него.

Танцот на змејовите се случува по неколку генерации откако семејството Таргеријан го нападнало и обединило Вестерос. Тоа е војна за Железниот престол која се одвива помеѓу Егон Втори и неговата сестра Еенира, а во која умираат многу членови на семејството и жители на Вестерос, како и змејови.


Фото: YouTube

Џорџ Р. Р. Мартин треба да биде извршен продуцент на серијата. Мигел Сапочник, режисер на некои од најпопуларните епизоди во „Игра на троновите“, треба да биде дел од екипата. Според Ејч-би-о, Сапочник треба да ја режира првата епизода.

Серијата добила зелено светло за снимање 10 епизоди. Планот е да стигне на екраните во 2022, иако ова може да се смени поради пандемијата. Не се знаат деталите за ликовите во серијата, но во јули медиумите пренеле дека почнал кастингот за актери во серијата.

Што се однесува до другите серии што биле предложени, во моментов ниту една не се реализира бидејќи Ејч-би-о се фокусира на „Куќата на змејот“.

Автор: Џена Гијом
Извор: buzzfeed.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура