X
 18.10.2022 Наша тема

„Паѓањето на косата и одењето на операција сама ми беа најтешките моменти“, вели Наталија, која го победи ракот на дојка на 26-годишна возраст

Ракот на дојка е трета најсмртоносна форма на рак во светот од која годишно заболуваат помеѓу 1,6 и 1,8 милион луѓе. Иако ракот на дојка првенствено е женска болест, околу 1 отсто од карциномите на дојка се појавува кај мажите.

Младата битолчанка Наталија Михајловска-Ристевски е една од ретките жени кои се соочиле со опасната болест на 25-годишна возраст. Три години подоцна, Наталија е здрава млада жена која по повод Месецот за подигнување на свеста за ракот на дојката – октомври, ја раскажа својата борба.

Во моментот кога ја дознала дијагнозата Наталија студирала медицина во Штип, а најтешките мигови од животот морала буквално да ги помине сама затоа што сѐ се случувало во периодот кога пандемијата на ковид-19 зеде голем замав.

- Сѐ се случуваше во многу тешко време, кога имаше голем број заразени од ковид-19, па морав сите болнички ходници во сите одделенија да ги поминам сама, сите испитувања, па дури и на операција отидов сама. Докторите, исто така, не смееја да излегуваат надвор од болницата и да имаат контакт со моите родители. Моите родители сите информации ги добиваа телефонски, не можам да замислам колку им било тешко да го пуштат своето дете на операција само во друг град, без никаква поддршка – ни сподели Михајловска-Ристевски.



Наталија почувствувала нешто невообичаено во дојката и веднаш закажала лекарски преглед и биопсија. Бидејќи немала семејна историја, не очекувала ништо лошо, но биопсијата го потврдила спротивното: резултатите покажале хормонски зависен карцином на дојка.

- Докторот ми објасни дека не е нешто што не се лекува бидејќи денес медицината е многу напредна и ме утеши. Нормално дека не ми беше сеедно, но уште од почеток знаев дека ќе излезам од ова премреже со главата на рамена.
Терапиите ги примав превентивно во случај нешто да не е дочистено при самата операција иако сѐ беше чисто и се сметав за излекувана уште со самата операција. Знаев дека морам да ги издржам тие шест месеци додека ги примав хемотерапиите и добро ги поднесов. Тешко ми беше кога ќе влезев во болницата и кога ќе видев различни тешки случаи, тогаш психички паѓав. Но, решив да не слушам никого, сепак, сум млада и секој организам е различен, различно ги поднесува терапиите - открива Наталија.

Младата битолчанка чувствувала умор од терапијата, немала апетит и сакала само да се одмара. Најблиските се труделе да ја извлечат од кревет и да ја изнесат на прошетка, но ѝ било тешко затоа што била истоштена. По некое време почнала да излегува, да пешачи, да вози велосипед и да се дружи со најблиските.



- Морав да го променам тоа што не сум љубител на овошје, да почнам да пијам сокови, да внесувам повеќе витамини. Не сметам дека драстично ги променив моите навики, не јадам повеќе брза храна, која ја консумирав секојдневно како и секој студент. Иако не сметам дека тоа придонесува за болеста, ги отстранив тие нездрави навики. Мислам дека најважно е да не се падне психички, да продолжиш да живееш како и претходно и да не се изолираш од најблиските. Јас имам рак и сега ќе лежам в кревет и не можам ништо да правам. НЕ! Можеш најнормално да функционираш - вели Михајловска-Ристевски.

Паѓањето на косата по примањето на хемотерапиите ѝ било најтешко затоа што морала да им објаснува на луѓето зошто нема коса, а во тие моменти не била подготвена за одговори.

- Паѓањето на косата ми беше најтешко. Бидејќи целиот живот имав многу долга коса и кога ја избричив главата за да не гледам како ми паѓа од терапиите, на луѓето им беше чудно и ме прашуваа што ми станало, зошто сум направила толкава промена. Да носите перика не е така лесно и забавно, мислев ќе ја носам и дома цело време за да не се гледам без коса, ама тоа беше невозможно – се присети таа.

Најголемата поддршка додека се борела со болеста ја добивала од родителите, другарките и нејзиното тогашно момче, сега сопруг, кој чекал да заврши со последната терапија за да може да ја запроси и да почнат заедно нов живот од почеток.

- Човек се менува по вакво болно искуство. Пробувам да не се нервирам за секакви ситници и не си дозволувам да бидам под стрес. Порано многу им придавав значење на небитни работи.



Наталија смета дека младите девојки не посветуваат доволно внимание на своето здравје и не се прегледуваат превентивно.

- Има исклучоци, но мислам дека повеќето девојки не посветуваат доволно внимание. И самата сум пример. Никогаш не сум правела самопреглед, ниту сум била некогаш да направам ехо на дојки. Случајно при туширање осетив нешто сомнително како топче и го споредив со другата дојка каде што немав такво нешто. Да се избегне болеста е невозможно, но може да се открие во ран стадиум и последиците да не се толку страшни и полесно да се помине. Најважен е самопрегледот, и што и да почувствувате сомнително, немојте да си велите „ништо не ми е“. Ако си речев така и другиот ден не отидев на доктор, тоа ќе растеше и не сакам ниту да помислам какви ќе беа последиците. Среќна сум што така изреагирав во тој момент, што не премолчив. Бидете комуникативни, немојте да го криете вашиот проблем или да се срамите од болеста, има многу што се срамат да кажат со што се соочуваат. Никој нема да ви исмејува или да ви се сити на вашата мака, напротив, можете да стекнете многу пријателства и да добиете многу корисни совети кои ќе ви помогнат полесно да го изодите патот - порача Наталија.

Таа смета дека е потребна поголема едукација во нашиот образовен систем за ракот на дојката затоа што возрасната граница на нови случаи е поместена.



- Многу девојки површно ќе го прочитаат ова и нема да му придадат големо значење. Во денешно време границата за рак на дојка е многу поместена. Порано се знаеше дека од оваа болест најчесто заболуваа жени во постари години, но денес не е така. Има и девојчиња кои добиваат рак на дојка на 14-15 години. И мислам дека треба многу да се подигне свеста и барем по 18-тата година да се оди на секои шест месеци на ехо на дојка, како на рутински преглед - истакна Наталија.

Фото: приватна архива
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема