X
 18.12.2019 Живот

Ако Кинез не сака да служи војска, му следуваат 8 вида казни

Случајот на еден Кинез на кој му се заканува општествена и економска изолација бидејќи не сака веќе да служи војска се најде и на англиската верзија на интернет-страницата на Народната ослободителна војска на Кина.

Во соопштението се наведува дека војникот Џанг Моукан, студент од Хајнан, е казнет затоа што им рекол на надлежните дека веќе не сака да служи војска.

Сега Џанг може да добие дури осум казни кои вклучуваат двегодишна забрана за одење во странство, забрана за летање со авион, подолги патувања со воз и автобус, забрана за купување недвижности, земање кредит или осигурување.

Исто така, му се заканува и забрана за започнување нов бизнис - отворање компанија, како и потенцијална забрана за упис на факултет. На Џанг до крајот на животот нема да му биде дозволено вработување на некоја јавна функција, дури ни привремено. Тоа ги вклучува и сите државни претпријатија во земјата во која државата е сопственик на повеќето компании.

Тука е и финансиската санкција - парична казна од 4.000 долари плус надомест за војската од 3.750 долари за сите воени трошоци што настанале во текот на неговиот престој во војската.

Џанг ќе се соочи и со јавна осуда - неговиот случај ќе биде објавен во речиси сите медиуми, како на телевизија така и на интернет.

Случајот на Џанг можеби е невообичаен и редок, но не е единствен. Од Си-ен-ен при пребарувањето по кинеските медиуми пронашле неколку случаи во кои поранешни војници добиле слични казни во текот на последните неколку години. На овој начин Пекинг се обидува да им даде пример на другите војници, сметаат некои истражувачи.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот