X
 19.01.2020 Култура

Дали 24. номинации на „Нетфликс“ означуваат нова доба на „Оскарите“?

Видеосервисот за стриминг „Нетфликс“ ќе има уште една можност на доделувањето на „Оскарите“ да им ја земе главната награда на традиционалните холивудски филмски студија.

Два филма на „Нетфликс“, „Ирецот“ и „Брачна приказна“, освоија номинации за „Оскар“ за најдобар филм. „Нетфликс“ доби вкупно 24 номинации, повеќе од кој било друг продуцент.

Стриминг-сервисот ќе се бори за „Оскар“ против холивудските студија стари преку еден век, вклучувајќи ги „Јуниверзал пикчрс“, „Ворнер брос“ и „Колумбија пикчрс“.

Мрачната приказна за потеклото на стрипскиот јунак Џокер води со 11 номинации, „Ирецот“, „1917“ и „Беше еднаш во Холивуд“, во продукција на „Колумбија“, добија по 10 номинации.

Освојувањето „Оскар“ за најдобар филм ќе ја подобри репутацијата на „Нетфликс“ во филмската индустрија и ќе му даде нови права во сè посилната конкуренција во борбата за гледачи. Компанијата почнала со продукција на оригинални филмови во 2015 година и се обидува да изгради колекција на престижни филмови.

Но, пионерот на дигитални видеа ги разлути сопствениците на кина инсистирајќи неговите филмови да бидат достапни за стримување истовремено и неколку недели по прикажувањата во кината.

Главните киносинџири се спротивставија на ова и одбија да ги прикажуваат филмовите на „Нетфликс“. Оваа практика ги натера членовите на филмската академија да дебатираат за тоа како да го дефинираат филмот. Минатата година „Рома“ беше номиниран за најдобар филм, но не победи.

Филмскиот критичар Овен Глајберман предвидува дека стриминг-сервисите повторно ќе изгубат во трката за главна награда од „1917“ или „Беше еднаш во Холивуд“, и тврди дека „Ирецот“ го нема она што му е потребно за да ја премине линијата.

За „Ирецот“, филм што раскажува за исчезнувањето на лидерот на синдикатот Џими Хоф, Мартин Скорсезе доби номинација за најдобар режисер, а Ал Пачино и Џо Пеши за најдобри актери во споредна улога.

Ѕвездите на филмот „Брачна приказна“, Скарлет Јохансон и Адам Дравјер, добија номинации за главна улога.

Меѓу другите филмови на „Нетфликс“ се „Клаус“ и „Го изгубив телото“, кои се номинирани за најдобар анимиран филм.

Биографскиот филм „Двајцата папи“ доби три номинации.

oskari
Фото: Getty Images

Номинации за „Оскар“ - недостиг на различности?


По номинациите за овогодишните „Оскари“, забележано е дека меѓу номинираните за најдобар режисер нема жена, а и дека меѓу 20. номинирани актери и актерки има само една со афроамериканско потекло.

- Честитки за овие мажи - изјави водителката на церемонијата за објавување на номинациите, Иса Реј, бидејќи е објавено дека за „Оскар“ за најдобар режисер нема да има ниту една режисерка, а оваа тема кружи на социјалните мрежи.

Овогодишните номинации покажуваат постојан тренд на заобиколување на женските режисери. До денес, единствена жена што освоила „Оскар“ за најдобар режисер е Кетрин Бигелоу за филмот „Шкафче на болката“.

Видлив е уште еден проблематичен тренд кај овогодишното 92. доделување на „Оскарите“ - од 20 номинирани актери и актерки единствено Синтија Ериво од филмот „Хариет“ е Афроамериканка.

Академијата за филмска уметност сè уште не одговори на барањето да ги коментира критиките на нејзина сметка поради недостигот на различност.

Од трката за „Оскар“ испаднаа ѕвезди како Џенифер Лопез, Бијонсе и Роберт де Ниро.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура