X
 19.02.2019 Култура

Денот на неуспехот - генијалната приказна на чудниот фински празник

Финците се познати по чудните обичаи и нивната култура се разликува од другите, особено кога станува збор за државните празници и деновите што ги одбележуваат. Еден од овие празници е посебен и токму затоа вреди да му се посвети внимание.

Дали сте знаеле дека Финците ги почитуваат зборовите на Алберт Ајнштајн, кој еднаш рекол: - Човек што никогаш не направил грешка, никогаш не пробал нешто ново. Затоа, пред девет години Финците одлучиле да почнат да го слават Денот на неуспехот, на 13 октомври. Зад овој празник се крие поучна приказна од која сите можеме да научиме нешто.

Овој празник првпат бил одбележан од студентите од финскиот универзитет бидејќи сметале дека на Финска во иднина ќе ѝ бидат потребни илјада нови работни места, но стравот од несоодветноста ги отфрли многуте идеи за нови бизниси и за отворање нови работни места.

Втората година, Денот на неуспехот доживеа популарност бидејќи многу јавни имиња ја поддржаа иницијативата на студентите. Меѓу познатите лица беа и поранешниот директор и претседател на финската компанија „Нокиа“, Џорма Олила, и креаторот на играта „Енгри брдс“, Питер Вестербацка, како и тренерот на националниот хокеј-тим, Јука Јалонен. Девет години подоцна многу фински уметници и јавни личности продолжија да го поддржуваат одбележувањето на овој ден, па некои од нив ја споделија приказната за сопствените неуспеси, кои подоцна резултирале во големи победи.

Зошто се одбележува Денот на неуспехот?


Финците се препознатливи по тоа што не поднесуваат неуспеси и тешко се соочуваат со нив. Кога би ги прашале финските психолози, тие би ви рекле дека повеќе луѓе во Финска повеќе патат од страв од неуспех отколку од депресија. Овој ден почнал да се прославува за Финците да научат дека неуспехот е дел од животот, бидејќи и од него се учи.

Вродената желба за успех ги поттикна младите таленти што постигнаа многу, но другите целосно ги „затвори“ и ги исплаши да пробаат нешто ново. Охрабрувањето на луѓето да пробаат нови или тешки работи без грижа за последиците им дава самодоверба да излезат од удобната зона и да уживаат во активностите.

Споделувајќи приказни и фотографии од неуспехот на социјалните мрежи, Финците го губат стравот од критики.

Ова се некои од активностите што Финците ги објавуваат секој 13 октомври, на Денот на неуспехот. Некои од нив дефинитивно и сами можете да ги практикувате секој ден.

- Прочитајте ги личните тешкотии на вашите идоли или луѓето на кои им се восхитувате.
- Пробајте да направите тежок рецепт, дури и ако храната се запали.
- Споделете неуспешни фотографии на „Инстаграм“.
- Потрошете ги парите на нешто непотребно или нешто што долго време сте го сакале.
- Јавете ѝ се на симпатијата и поканете ја да излезете без страв од одбивање.
- Пребарајте го зборот „неуспех“ на „Јутјуб“ и погледнете што ќе ви излезе.
- Размислете за тоа како можете да учите од вашите неуспеси и да ги претворите во успех.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура