X
 19.02.2020 Култура

Златната соба - атракција за посетителите на Куќата на Робевци во Охрид

Во централниот дел од Златната соба доминира Гробот 132, откриен на локалитетот забранетата лединка кај Горна порта

Патување низ времето, милениумска хронографија презентирана низ делата на вештите јувелири, филигранските мајстори на својата доба. Тоа на посетителите им го нуди Златната соба, посебната атракција на изложбениот простор во Куќата на Робевци во Охрид. Како дел од постојаната поставка на Музејот, сместен во срцето на стариот дел на градот кон крајот на 2014 година беше отворена изложбата „Златото на Лихнитида“, во која повеќе од 500 златни и позлатени предмети од временски период подолг од 25 века презентираат богато историско наследство, култура проткаена низ пластовите историја, таложена тука за да сведочи за вековите што минале, оставштина за времето што доаѓа.



Станува збор за предмети што хронолошки потекнуваат од железното време, па сè до отоманскиот период, односно од 7 век пред новата ера до 19 век. Сите тие предмети се детално обработени во каталогот „Златото на Лихнитида“ од авторите Паско Кузман и Нада Почуча-Кузман.

Во централниот дел од Златната соба доминира презентацијата на Гробот 132, откриен на локалитетот забранетата лединка кај Горна порта во Охрид. Значаен е бидејќи покрај многубројните предмети во него се откриени и познатата златна маска и златната ракавица.
- Откриените артефакти во гробот се предмети што потекнуваат од архајскот период, односно од 5 пр.н.е. Во Златната соба е направена целосна реконструкција на гробната архитектура со сите наоди откриени во неа - изјави археологот Бојан Танески, кустос во охридскиот Завод и музеј.



Танески објаснува дека златото е лесно обработлив материјал, како метал е отпорен на надворешни влијанија, не кородира, има благородна патина и е релативно лесен за конзервација.

- Чистотата на златото користено за изработка на предметите многу зависи од периодот од кога потекнува. Македонско-хеленистичките предмети што датираат од трети, втори век пред нашата ера, покрај чистотата на материјалот, се карактеризираат и со голема уметничка и занаетчиска вредност. Сето тоа е за очекување бидејќи токму во тој период градот Лихнид бележи голем процут на сите полиња - вели тој.



Сите златни предмети изложени во Музејот се каталошки обработени, а се откриени на локалитети во градот и непосредната околина. Тука се наоѓаат предмети од локалитетите Дебој, Плаошник, Самуилова тврдина, Требенишко кале, локалитетот Црвејнца кај Опеница и Видобишта. Во Куќата на Робевци се наоѓаат и најстарите златни предмети пронајдени во Македонија, тоа се златните салталеони, односно предмети што во железното време ја краселе косата, откриени се на Плаошник, а потекнуваат од 7 век пр.н.е.

- За луѓето од тој период златото немало некоја особена вредност, но било користено бидејќи како материјал е лесно за обработка и има убав изглед - вели Танески.



Инаку, покрај накит, во Златната соба се наоѓаат други предмети како гробни прилози, апликации, монети, делови од облека… Тука се и познатите златни обетки во форма на гулабици од 3-2 век пред нашата ера, златната ромбоидна плочка, златниот колан со потекло од архајскиот период и други предмети.

Златната соба во Музејот во Куќата на Робевци е интересна за гостите, посетителите, нивниот број бележи раст, како што се зголемува и бројот на туристи што доаѓаат во Охрид. Дел од нив се странски гости, а расте и бројот на домашни посетители.

- Со зголемувањето на бројот на туристи кои се заинтересирани за културното наследство на Охрид, расте и бројот на посетители во Музејот во Куќата на Робевци. Во 2019 година музејот го посетиле 8.276 лица, од кои 2.296 странски гости, 2.300 ученици. Гледано по месеци, најдобра посетеност е регистрирана во мај. Со обновата на поставката во музејскиот објект Куќата на Робевци овој број во иднина ќе биде многу поголем, вели археологот Танески.



Инаку, целината на Музејот во рамките на Куќата на Робевци ја сочинуваат простор за современи изложби, лапидариум со камена пластика, етнолошка поставка и археолошка поставка во чиј состав е и Златната соба. Музејските содржини постојано се зголемуваат и дополнуваат со новооткриени предмети. Она што би можело да се стори за дополнително збогатување на материјалното историско богатство е и упростување на постојната законска регулатива со која се уредува начинот на обезбедување археолошки предмети од донации.

Не сите предмети изложени во музејската поставка се обезбедени преку археолошки истражувања. Дел од нив се донирани од жители на Охрид, дел обезбедени преку откуп. Голем дел од камената пластика во Музејот во Куќата на Робевци е обезбеден преку донации, донесен од граѓаните на Охрид при ископ на куќи.



Постојната законска регулатива не оди во прилог на добрите намери на луѓето да ги предаваат значајните историски предмети што ги поседуваат, независно дали се семејно наследство, пронајдени при обработување земјиште или при ископи при градење објекти. Процедурата предвидена за предавање археолошки наоди предвидува посебни изјави за потекло на предметите заверени на нотар, што ги одвраќа луѓето да ги предаваат предметите што ги нашле или ги поседуваат, иако првично имаат токму таква намера. Во Радожда е пронајдена теракотна глава, а лицето што ја поседува ја донело во Музејот со намера да ја предаде, но Музејот, поради законската регулатива, не може да ја прими без соодветна изјава за потекло заверена на нотар. Независно од добрата намера, поради стравување дека ќе биде повикан на одговорност како див копач на археолошки предмети, донаторот се откажал од намерата да го предаде предметот, а државата остана без исклучително вреден историски артефакт.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура