X
 19.02.2021 Наша тема

Се нарачува кафе со знаковен јазик, покажувајќи со прст, се чита од усни... Радмила и Мартин сакаат да покажат дека и глувите лица се способни

Радмила Периќ и Мартин Ангелов раскажуваат инспиративна приказна. Веќе една година успешно раководат со првото знаковно кафуле. Глувоста не им е пречка да го остварат сонот, туку предизвик да покажат дека промените ги правиме сами, без себеограничување. Порачуваат да имитираме позитивни примери, да бидеме отворени за промени и да не се повлекуваме во себе

„О2 МР кафе-бар“ не е обично скопско кафуле, туку со себе носи една голема мисија - да ги искорени стереотипите во нашето општество и да придонесе за подобар соживот на сите. Тоа е прво знаковно кафуле. Овде се нарачува кафе со знаковен јазик или покажувајќи со прст на дигиталното мени со видеа од пијалаците на знаковен јазик.

Радмила Периќ и Мартин Ангелов се две амбициозни, неуморни, глуви лица и иницијатори на овој пионерски потег. Сакаат да покажат дека и глувите се способни и дека можат да придонесат за подобро општество и економија. Умешно разбиваат митови за лицата со попреченост.



Нарачки на знаковен јазик


- Се охрабривме на ваков чекор гледајќи како во земјите низ Европа глувите лица успешно и без никакви пречки се сопственици на фирми од различни дејности. Нашата идеја беше тоа да биде кафуле каде што ќе се дружиме сите, каде што сите ќе имаат можност да се запознаат со културата на глувите лица и секако да научат збор-два на знаковен јазик - велат Радмила и Мартин.

Велат дека функционираат како и секое друго кафуле. Постојано се трудат да им угодат на гостите со тоа што го обновуваат и надополнуваат нивното мени, едноставно сакаат тие да се чувствуваат пријатно, како дома.

- Гостите најмногу сакаат да го порачаат нивниот избор на пијалак на знаковен јазик, а ние тоа им го олеснуваме со нашето „разиграно“ дигитално мени кое се состои од видеа на кои се прикажани сите пијалаци на знаковен јазик. Заинтересираноста за нашето кафуле е голема, доаѓаат луѓе од целата држава, дури и странски државјани кое го виделе кафулето на социјалните мрежи, но поради состојбата со пандемијата, остават да нè посетат кога ќе помине ковид-кризата. Во моментов не ни оди сè од рака, посетеноста е многу мала за време на пандемијата. Ни останува само надежта дека ќе помине ова и  дека ќе почнеме да функционираме нормално - вели Радмила.



Глувоста не треба да биде пречка


Додаваат дека полека ги надминуваат пречките со комуникацијата, но сепак се потребни промени во однос на достапноста на информации за глувите лица.

- Пречка беше недостигот на информации на знаковен јазик. Се распрашувавме за сè што е потребно за да се стане претприемач и се вклучивме во програмата за самовработување на УНДП, која го поддржува развојот за ваков тип бизниси. Но предизвикот беше голем - да се докаже и покаже дека сите луѓе, без разлика дали имаат некаква попреченост или не, можат да придонесат за развој на економијата во нашата држава и со тоа директно да се влијае врз намалувањето на стигмата и дискриминацијата кон лицата со попреченост - вели Мартин.

Општеството, системот, опкружувањето, конзервативното сфаќање неретко им ставаат бариери на лицата со оштетен слух, но тие гласно зборуваат дека оштетениот слух не треба да биде пречка во реализацијата на својот сон или бизнис-идеја.

- Всушност, ништо не би требало да му биде пречка на секој еден што сака да си го оствари својот сон. Ќе им порачаме на сите да веруваат во себе и во своите потенцијали, кога се сака, со љубов и истрајност, сѐ се може! - додава Радмила.



Поттикнуваат свесност, поместуваат бариери


Преку нивната инспиративна бизнис-приказна тие замислија многу луѓе, поттикнаа поголема свесност, покажаа дека кога се сака, се може.

- Тоа и беше нашата цел, да поттикнеме поголема свесност, да покажеме дека промените се возможни доколку имаме желба за тоа. Продолжуваме да се бориме да ја подигнеме свеста, почнувајќи од најмладите, за да ги надминеме сите бариери и предрасуди. Најмногу нè радува што поттикнуваме и други глуви лица да се пронајдат себеси во некоја сосем друга професија од таа што ја работат само затоа што немаат избор, како на пример во другите држави каде што има сопственици на бутици, винарници, на ресторани... Тоа е таа промена што сакаме да ја направиме - потенцираат Мартин и Радмила.

Фото: Приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска / sanja.jacevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема