X
 19.03.2021 Здравје

Инспектори од СЗО мислат дека откриле од каде почнал да се шири коронавирусот

Инспектори од Светската здравствена организација (СЗО) мислат дека го откриле местото на кое се појавил коронавирусот САРС-КоВ-2 по спроведување детална анализа на почетокот на пандемијата во Кина. СЗО планира да објави целосен извештај за истрагата во наредните недели, но еден од инспекторите изјавил дека коронавирусот веројатно се префрлил од животните на луѓето во една од многуте фарми за диви животни во Јужна Кина.

Овие фарми се дел од владина програма наменета за намалување на сиромаштијата во руралните средини во државата. На овие фарми се произведува месо што потоа се продава на пазарите во земјата, меѓу кои и оној во Вухан, за кој претходно се сметаше дека е епицентарот на пандемијата.

Истражувачите не знаат кои животни и на кои фарми први го пренеле коронавирусот на луѓето, но многу од животните што се чуваат на фармите би можеле да бидат носители на коронавирусот. Меѓу другото, на овие фарми се чуваат панголини, видови стаорци, диви свињи и видови ракуни, изјавил Питер Дасак, истражувач од СЗО.


Фото: Pixabay

За време на истрагата, тимот од СЗО претходно откри дека коронавирусот веројатно се ширел низ Кина пред ширењето преку пазарот во Вухан, а кружеше и една теорија дека тој бил пуштен од Институтот за вирологија во Вухан, но инспекторите ја отфрлиле оваа можност.

СЗО не е единствената што се сомневала во улогата на фармите за диви животни бидејќи владата на Кина наредила нивно затворање во февруари минатата година. Тоа го сторила затоа што верувала дека оттаму почнал да се шири коронавирусот, изјавил Дасак, додавајќи дека СЗО верува во истата теорија.

Автор: Ден Робитски
Извор: futurism.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје