X
 19.03.2022 Наука

Дали знаете дека кучињата можат да разликуваат шпански од унгарски јазик?

Кучињата можат да разликуваат јазици, открија унгарските научници откако на 18 кучиња им биле пуштени делови од приказната „Малиот принц“ на шпански и на унгарски, додека научниците испитувале како реагира нивниот мозок.

Истражувањето го водела Лаура В. Куаја од Универзитетот „Еотвос Лоранд“ во Будимпешта, која пред неколку години се преселила во тој град од Мексико, носејќи го со себе своето куче Кун-Кун.

- Се прашував дали Кун-Кун забележа дека луѓето во Будимпешта зборуваат поинаков јазик од оној што тој го слушале дотогаш. Во нашето истражување првпат откривме дека нивниот мозок може да разликува јазици - изјави Лаура.

- Во нивниот живот со луѓето, кучињата прифаќаат шаблони на јазикот на кој се изложени - вели Раул Хернандез-Перез, коавтор на студијата.

За време на експериментот, Кун-Кун и другите кучиња беа обучени да лежат мирни неколку минути додека нивните мозоци беа скенирани.

Сите кучиња претходно слушнале само еден од двата јазика - унгарски или шпански - од нивните сопственици, што им овозможило на научниците да споредат како реагира нивниот мозок на многу познат и на сосема непознат јазик.

Кучињата слушале извадоци од приказната на шпански и на унгарски, а исто така во компјутерска програма ги искривиле верзиите на тие извадоци за да проверат дали кучињата воопшто можат да разликуваат говор и неговор.

Споредувајќи ги реакциите на мозокот, научниците откриле различни шеми на активност во примарниот аудитивен кортекс на мозокот на кучето, што укажува дека тие можат да го разликуваат говорот од неговорот.

Во секундарниот слушен кортекс, кој анализира сложени звуци, мозокот на кучето произведува различни шеми на активност кога слуша познат јазик и непознат јазик.

Колку се постари кучињата, толку подобро нивниот мозок може да ги разликува двата јазика.

Извор: National Geographic
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука