X
 19.04.2016 Образование

Кога е најдобро време да се почне да се учи странски јазик?

Англискиот јазик како странски јазик се учи од прво одделение во земјава. Но, дали странскиот јазик може да се учи и порано?

Кога е најдобро време детето да започне да учи странски јазик?

Милица Плавшиќ, магистер по англиски јазик, долгогодишен преведувач и предавач пишува за „6yka“ дека честопати ја прашуваат кога детето би требало да започне со учење странски јазик за да добие најдобри резултати. Нејзиниот одговор на ова прашање е: „Штом се роди“.

Секако, тоа е практично неизводливо, освен доколку детето не расте во семејство во кое барем едниот член постојано зборува англиски јазик или расте на англиско говорно подрачје. Меѓутоа, никогаш не е прерано, според Плавшиќ, со напомена дека со наставниците, децата може да учат англиски веќе од градинка.

Зошто странскиот јазик треба да се учи што порано?

„Едноставно, затоа што младите ученици имаат поголема способност да ги имитираат новите гласови и да го усвојуваат правилниот изговор. Нашиот мозок на таа возраст е отворен за нови гласови и јазични обрасци. Освен тоа, помалите деца немаат други обврски и нивниот ум сè уште не е оптеретен со мисли или грижи кои растат со годините и кои им пречат на нашата концентрација и процесот на учење“, пишува Плавшиќ.

Децата учат странски јазик исто како и мајчин, што кај возрасните е речиси невозможно бидејќи странскиот јазик го споредуваат со мајчиниот и го преведуваат од еден на друг. Потоа, малите деца не се срамат или плашат да го користат добиеното знаење, за разлика од возрасните.

Важно е и да се посочи дека учењето странски јазик на рана возраст има когнитивни, социолошки и психолошки поволности. Сите релевантни истражувања потврдуваат дека учењето странски јазик ги зголемува вештините за критичко размислување, креативност и флексибилност кај малите деца. Децата кои учат странски јазик имаат и подобри резултати од своите врсници и од другите предмети.

Како малите деца учат странски јазик?

Најмладите ученици не учат свесно, вели Плавшиќ. Тие го усвојуваат јазикот низ песни, рецитации, игри и други креативни активности. Странскиот јазик се учи низ содржини кои се интересни за децата, како музика, игри, цртање, боење или медиуми.

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование