X
 19.05.2019 Живот

Данскиот остров што прифати животен стил без отпад

Борнхолм е мал дански остров во јужниот дел на Балтичкото Море. На само 227 квадратни километри, островот е дом на околу 40.000 луѓе, а го посетуваат околу 600.000 посетители секоја година.

Островот е познат по сончевото време, црквите и карпестите морски гребени. Но, наскоро се надева дека ќе остане запаметен поради немањето отпад.

Единствената фабрика за согорување отпад за брзо ќе се затвори, па наместо да ја замени, островот има друг план.

- Во 2032 година нема да има повеќе отпад во Борнхолм. Сите предмети што треба да се фрлат ќе бидат ресурси што можат да се рециркулираат во корист на целата заедница - објави компанијата за управување со отпад на островот.

Владата сè уште не ги знае сите спецификации за тоа како ќе функционира планот, но официјалните лица ги имаат изложено основите.

На пример, тие предвидуваат дека граѓаните ќе го сортираат отпадот во лесно рециклирани предмети како метал, пластика, стакло, хартија и картон, а потоа планираат да додадат нови предмети како мрежи за риболов, материјали за изолација и повеќе пластика за системот за рециклирање.

Органскиот отпад, како и отпадот од градините и парковите, ќе биде претворен во енергија, а остатоците богати со хранливи материи ќе се користат како ѓубрива во полињата, градините и парковите.

Жителите ќе се охрабрат да ја искористат економијата за размена, позајмувајќи стоки и услуги. Тие повторно ќе користат работи како мебел и детска облека, а бизнисите ќе поправаат низа предмети, од велосипеди до кујнски апарати.

Учениците во основните одделенија ќе бидат едуцирани како „херои на ресурсите“, со практични лекции за отпадот, ресурсите, животната средина и природата.

Ова не е првпат островот да се одлучи за ваква зелена алтернатива. Иницијативата следува по планот „Светол зелен остров“ чија цел е островот да биде СО2 неутрален до 2035 година.

- Во областа на отпадот заостануваме, па за нас беше важно да направиме одредени работи со кои ќе тргнеме напред во овој сектор - вели Ана Томас, заменик-градоначалник на Борнхолм.

- Како први што го реализираме ова, ќе имаме корист од развојните фондови од национални и меѓународни извори како ЕУ. Оние последните, пак, ќе имаат корист од нашите тестирања и грешките што сме ги поминале. За нас, одлуката да бидеме првите што ќе го направат ова не беше тешка - додава таа.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот