X
 19.05.2022 Живот

УКИМ ги награди најдобрите студенти за 2020/2021

Наградата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за најдобрите дипломирани студенти, златник со ликот на светите Кирил и Методиј, за учебната 2020/2021 година ја примија 22 студенти. Доделувањето на пофалниците и пригодните награди на најдобро дипломираните студенти од страна на Ректоратот на УКИM се одржа на платото пред Универзитетот.

Исто така, со наградата „26 Јули“ од Фондацијата „Франк Манинг“ од Велика Британија се закитија осум студенти од завршниот семестар во прв циклус студии од учебната 2020/2021 година, кои покажуваат особени резултати во студиите, со просечен успех остварен во текот на студирањето од најмалку 8,00 од: Архитектонскиот, Филолошкиот, Филозофскиот, Економскиот, Правниот факултет „Јустинијан Први“ и Факултетот за драмски уметности.

- Ми се допаѓа што на ваков начин се цени трудот и покажаното знаење што го имам дадено. Со голема љубов се запишав на мојот факултет и уште пред да станам студент, луѓето ми кажуваа дека сум одличен за разговор и за сослушување. Целта ми е во иднина да работам во струката и притоа да се дообучам за психотерапевт - вели Теодор Јуруковски, кој е со максимален просек од 10.00 на Филозофскиот факултет, отсек Психологија.

Наградите на студентите им ги врачи ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, а на чинот на свеченото доделување на наградите, покрај наградените студенти и членовите на нивните потесни семејства, присуствуваа и проректорите на Универзитетот, генералниот секретар, претседателот на Универзитетскиот сенат и деканите на факултетите.

Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот