X
 19.06.2020 Здравје

Што ќе промени Шведска во борбата против Ковид-19 доколку има втор бран?

Шведска го привлече вниманието на светската јавност со тоа што одлучи да не воведе строги мерки за забрането движење кога се појави коронавирусот. Сега главниот епидемиолог во земјата вели дека доколку има втор бран, тој ќе се фокусира повеќе на намалување на ширењето на вирусот.

Некои експерти сметаат дека ќе има втор бран на зарази со коронавирус подоцна годинава, а Шведска е подготвена за таквата опција, според Андерс Тегнел, главниот епидемиолог во Шведска.


Фото: Стокхолм/Pexels

- Подобро сме подготвени на многу начини, здравството е подобро подготвено. Би се ангажирале повеќе во наоѓањето на контактите на заразените и би го имале имунитетот на населението, што ќе ги направи полесни работите на многу начини - изјавил тој.

Според Тегнел, приоритети на земјата се имањето добар систем за наоѓање на контактите на заразените лица и задржување на неодамна подобрените стандарди во старските домови. Тој додава дека Шведска подобрила многу работи, меѓу кои и мерките во старските домови и сега не гледаат многу случаи поврзани со нив, што е подобрување од претходно.

- Мислам дека е многу важно да бидеме способни брзо да се справиме со заразата во различни делови од Шведска за таа да не се шири премногу - додава Тегнел.

Кина веќе се соочува со втор бран на заразата, иако поголемиот дел од светот не завршил со првиот.


Фото: Pexels

За време на пандемијата во Шведска кафулињата, баровите и училиштата за децата под 16 години останаа отворени, иако се преземаат мерки за социјално дистанцирање и одржување на хигиената. Многумина го оценуваа овој пристап како обид да се добие колективен имунитет, но Тегнел го негира ова и вели дека пристапот имал цел да го спречи ширењето на вирусот доволно за да не се надминат капацитетите на болниците.

Многумина го критикуваа пристапот, тврдејќи дека постарите лица ја платиле цената бидејќи вирусот бргу се прошири во старските домови пред да се воведат построги мерки, како забрана за посетители и поголемо тестирање.

Досега во Шведска се заразија околу 55.000 лица, а починаа над 5.000. Процентите се многу повисоки во однос на нејзините соседни земји.

Извор: cnbc.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје