X
 19.07.2021 Наша тема

Млади архитекти од Македонија, Хрватска и Словенија заедно ја освојуваат Европа

Потекнуваат од земји што биле дел од ист поранешен политички систем, па често повозрасните генерации се поврзуваат и споделуваат нивни лични приказни со нив. Многумина, пак, во нив ги гледаат слогата и заедништвото во кои се работело и живеело во тоа време

Ерик Јуришевич, Мирјана Лозановска и Силвија Шалева се млади архитекти од Македонија и Словенија кои нудат интересна и несекојдневна приказна на овие простори.
Со нивното архитектонско студио KONNTRA, кое во изминатите неколку години постигна одлични резултати на низа натпревари од областа на архитектурата и дизајнот, станаа препознатливи по нивниот пристап со современ, карактеристичен и живописен израз за презентирање на нивните архитектонски проекти.
Нивната комуникација започнала пред четири години, кога сите биле дел од интернационална работилница за архитектура на тема “Boundaries and borders” во Сплит, Хрватска.
Случајност или не, вели Силвија, таа година почнале да размислуваат за архитектурата на еден поинаков начин, а таа работилница била добра можност да ги споделат нивните мисли и идеи. Тоа било одлична основа за формирање на KONNTRA во 2018 година.



Потекнуваат од земји што биле дел од ист поранешен политички систем, па често повозрасните генерации се поврзуваат и споделуваат нивни лични приказни со нив.
Многумина, пак, во нив ги гледаат слогата и заедништвото во кои се работело и живеело во тоа време.
Тоа што доаѓаат од различни земји не им претставувало никаква пречка, туку напротив, било уште поголем предизвик да се усогласат и да креираат нешто специфично и несекојдневно. Затоа и одлучиле да ги споделат нивните различни гледишта кон архитектурата и да ги сплотат идеите, со цел да се продуцира што е можно поквалитетна, уникатна и современа архитектура.

- Потекнуваме од различни средини и сме образовани на различни места, а и сме стекнале работно искуство во различни студија и фирми за архитектура непосредно по нашето завршување на студиите. Она што нѐ поврзува и мотивира е, всушност, идејата дека сме заедно во процесот на стекнување суперискуства и нови инспиративни проекти. Така и нашето студио KONNTRA работи од повеќе локации зависно од тековните проекти - заклучува Силвија.

Дизајни што ја освојуваат и Европа

Мирјана и Силвија ги завршиле своите магистерски студии во Скопје, а, пак, Ерик во Љубљана и Минхен. Сега се дел од докторска програма на Универзитетот во Љубљана, преку која се дел од различни работилници, конференции и активности кои им дозволуваат да дадат придонес во истражувачката дејност.
До претходната година, и од самиот почеток, работат на јавни проекти во Хрватска и во Словенија.

- Во Македонија во моментов работиме на проекти за приватни инвеститори и истовремено спремаме еден нов проект во Скопје, кој ќе ја надгради KONNTRA а истовремено и македонската културна и архитектонска сцена, за кој наскоро ќе споделиме повеќе детали - посочува таа.
Изминативе три години бележат повеќе успеси.

Како нивно врвно признание во изминатава година ја добија номинацијата на проектот „Плоштад на традиционалните занаети“ во центарот на Вараждин, за престижната - Награда за современа архитектура на ЕУ - „Мис ван дер Рое“ 2020. Проектот, финалниот изведен резултат и описот од страна на авторите може да ги погледнете ТУКА.

- Но она за што сме највозбудени и е од особена важност е нашето претставување на Унгарскиот павилјон на овогодишното 17. Венециското биенале. KONNTRA е дел од овој проект заедно со уште 11 архитектонски студија од Централна и од Источна Европа со цел да се ревидираат 12 објекти изградени во периодот на модерната архитектура во Будимпешта, нудејќи можност за усогласување на архитектурата од минатото и иднината. Проектот на тема “Othernity” – Reconditioning our Modern Heritage” се претстави со одговор на следното прашање: Кои се можностите што ги поседува модерната архитектура како културно наследство и што таа им нуди на архитектите во иднина? Тема која е доста актуелна и кај нас. Поставката во павилјонот претставува нов, колаборативен метод за преиспитување на заштитата на архитектонското наследството. И е прв меѓународен проект во историјата на постоењето на унгарскиот павилјон во Венеција - објаснува Силвија.



 KONNTRA со свој графички јазик

Кога ја основале KONNTRA, почнале како млади ентузијасти, со силна желба за стекнување интернационално признание. Сите проекти ги работат со еднакво внимание, посветеност и ентузијазам. Наградите и признанијата им биле голем мотив, а секој нов предизвик е шанса за нивно понатамошно унапредување, како и доказ за успешна соработка помеѓу македонски, словенечки и хрватски архитекти.
Карактеристично за ова студио е тоа што како интернационален тим се обидуваат да изградат свој графички јазик на изразување и да прикажат еден нов и поинаков начин на проектирање и реализирање на проектите.
Велат дека секоја нова задача, нова локација, претставува надградување на нивното искуство и дел од нивната KONNTRA-приказна.

- Обликувањето на визуелните прикази со карактеристичен колоритен приказ за секој KONNTRA-проект поминува низ повеќе фази, со цел на крај да се направи и прикаже нешто уникатно и ново. Секој нов проект е предизвик за нас и претставува шанса за натамошно развивање - велат младите архитекти.
На самите почетоци предизвик им било учеството на архитектонскиот натпревар за општинска зграда и главен градски плоштад во градот Зеница, Босна и Херцеговина, каде што се здобиле со прво наградено место. По него следувале повеќе први награди за средно економско училиште во Вуковар, градски плоштад во Вараждин, здравствен дом во Загреб, градинка во Загреб итн.

- Сите проекти за кои освоивме награди претставуваа голем мотив, но и момент на реалност дека сме тим на успешни млади архитекти. Тие проекти и конкурсни трудови ни покажа дека можеме да се натпреваруваме со сопствена мисла и став, и уште подобро, тој став да биде оценет за најдобар од стручна комисија, со посебен акцент на карактеристичниот архитектонски израз и придонесот кон јавниот карактер на проектот. Со знаењето и искуството стекнати во различни средини, и цела наша вложена позитивна енергија и ангажман, имавме одлични резултати - вели Силвија.

Младите можат да „изградат“ нова архитектура

Прашањето дали младите архитекти имаат можност да се истакнат од професионален аспект во нашата земја често им било поставувано.

- Секој млад човек, со желба за иновативност, идеја, конкретна цел, може да се издвои. Има доволно такви примери и од нашата земја. Сепак, кај нас се оди со една мисла дека младите не се доволно искусни, па можеби шансите се помали отколку во други општества во Европа. Можности постојат, но различни се средината, мотивацијата и шансата младиот архитект навистина да придонесе за средината, општеството итн. Така што, секој со својата шанса и можност да „блесне“ или, пак, да „згасне“ во одреден момент - посочуваат тие.

Сепак, архитектите на KONNTRA сметаат дека идеално би било да се остави повеќе простор и младите архитекти да имаат отворена и еднаква шанса, на пример, на распишани конкурси и апликација на проекти, кои може да отворат нови перспективи.

- Дефинитивно тоа е потребно во нашата средина - да стане практика да се отвораат што повеќе конкурси за сите нови јавни проекти, планови, урбан дизајн, каде што и младите архитекти ќе го имаат својот збор и искажан став. Преку последните апликации и проекти, и ние вложуваме напор да инволвираме млади архитекти или студенти да работат со нас, што се покажало како позитивно искуство - велат архитектите.

Фото: KONNTRA
Подготвил: Радмила Заревска / radmila.zarevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема