X
 19.09.2020 Култура

Голема почит за тие што ги направија фестивалите на отворено, публиката да ја почувствува возбудата, па макар и комарците да касаат, вели Гена Теодосиевска

Нашата програма, особено главната селекција, го има предзнакот на оценување на визуелната естетика, на камерата во филмот, а сите нијанси на светлото и сенките можат да се видат детаљно и критички на големо платно. На платформа можете да се информирате за доброто актерско остварување, можеби и креацијата на режисерот, но да се проследи играно филмско остварување, а да не се видат сите гами на филмот е жално, вели директорката на „Браќа Манаки“

Првпат во својата историја Интернационалниот филмски фестивал „Браќа Манаки“ годинава ќе се одржува само еден ден, повеќе симболично и како одбележување отколку како вистинско фестивалско остварување. Битолската публика е најразочарана, но и филмските работници од земјава и светот кои го почитуваат фестивалот и септември секогаш ги потсетува на Битола и филмската магија. Друштвото на филмските работници на Македонија, кое е организатор на фестивалот, одлучи да не се одржи во неговата оригинална форма поради пандемијата и опасноста за здравјето на публиката.

Разочарување се чувствува и кај Гена Теодосиевска, директорка на фестивалот, со која поразговаравме за тоа што ќе се случува вечерва во Битола и за идните предизвици на овој исклучително важен фестивал.


Фестивалот првпат во 41 година ќе се одржува само еден ден. Верната публика на „Браќа Манаки“ малку е разочарана што нема да може да ужива во својот омилен фестивал. Дали не беше опција да се искористи убавиот септември за проекции на отворено, па макар и без странски гости?

- Знам, го гледам тоа од пораките што ги добивам како од пријателите и поддржувачите на фестивалот од нашата земја така и од партнерите, а особено од фестивалите од Полска, Шпанија, Данска, Србија. Дали можете да замислете колку сме ние како тим разочарани што нема да го искусиме адреналинот наречен фестивал „Манаки“? Но, одлуката беше донесена, а потоа и потврдена од Управниот одбор на ДФРМ. Јас ја затекнав и морав да ја почитувам. Тоа е готово. Опции секогаш има, требаше само да се има волја и желба да се откријат. Но, изгледа, како што е изнесено во одлуката, надвладеала грижата за здравјето на публиката. 

Јоргос Арванитис, добитникот на „Златна камера 300“ минатата година и Теодосиевска (фото: архива „Браќа Манаки“)

Јас сум голем почитувач на овој фестивал, го следам повеќе од 35 години и така и се однесувам кон него, како скапоцен визуелен естетски и емоционален простор на споделување стории и филмски вештини. И без разлика до кога ќе останам да работам на овој фестивал и без разлика на какви разочарувања можам да наидам, секогаш ќе му се враќам со радост. Просторот во Пациото во Музејот и просторот пред Магаза ги откривме и успешно ги користевме. Гостите вистински уживаа изминатите четири години. Се надевам дека следната година ќе донесеме и програма и гости како за две. И, да, многу ми е жал што нема да има проекции на тие простори годинава.

Многу манифестации, вклучително и филмски фестивали, избраа да направат и онлајн-изданија, па барем некои од програмите да бидат достапни за публиката. Дали можеби дел од програмата на „Браќа Манаки“ ќе оди онлајн?

- Имавме намера и беше ставено во програмата да ги имаме на интернет-платформа средбите со Јануш Камински и Столе Попов и една онлајн-работилница со ИМАГО. Не бев веднаш одбиена, но по неколку разговори ниту Камински ниту Попов не ја чувствува интернет-платформата за средби и разговори за соодветна форма да го каже она што би сакал да го каже и доживее при непосредна средба. Точно е дека многу фестивали беа под пресија да ги одржат своите програми на платформа или на алтернативни отворени простори. Многу повеќе ги почитувам сите оние што решија или имаа шанса да ги прикажат селектираните програми на големо филмско платно, за публиката да ја почувствува возбудата, па макар и комарците да касаат. Просторот во Куршумли ан, пред Кинотеката и пред и зад МКЦ и некои други простори, кои сега штотуку се откриваат во Скопје, се многу корисни. Но, тоа може да функционира додека не е многу студено. Или пак драјв-ин киното во Велес и во Охрид, тоа се суперидеи. Им честитам на организаторите. Тоа е посветување, тоа се решенија.

Но, некои наши колеги беа принудени да пронаоѓаат и хибридни форми за да ги исполнат критериумите што можеби биле поставени пред нив од институциите и асоцијациите кои финансиски ги поддржуваат или, пак, да ги постават програмите на интернет-платформа. Нашата програма, особено главната селекција, го има предзнакот на оценување на визуелната естетика, на камерата во филмот, а сите нијанси на светлото и сенките можат да се видат детаљно и критички на големо платно. На платформа можете да се информирате за доброто актерско остварување, можеби и креацијата на режисерот, но пак велам, да се проследи играно филмско остварување, а да не се видат сите гами на филмот е жално. Затоа и немаме филмска програма на платформа. Оваа година ќе помине во овие муабети, неизбежно е.

Теодосиевска заедно со лауреатот од 2018 година, Роџер Дикинс (фото: Александар Кондев)

Како ќе се одбележи фестивалот годинава? Што ќе се случува вечерва во Битола?

- Ќе имаме многу кратка и едноставна вечер, настан што ѝ го подаруваме на Битола. Ќе ги славиме двајцата фестивалски лауреати - полско-американскиот кинематографер Јануш Камински и нашиот Столе Попов. Камински ќе го имаме на видеоврска, а Столе Попов ќе биде присутен и ќе му биде доделена „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, ќе ги промовираме и првите снимки од новото кино „Манаки“, сместено на битолскиот Широк сокак, на местото каде што било старото кино на Јанаки и Милтон Манаки.

Ќе ги проследиме, исто така, кратките обраќања на покровителот на фестивалот, претседателот Стево Пендаровски, градоначалничката Наташа Петровска, амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз, и ние домаќините, претседателот на ДФРМ, Игор Иванов, ќе ги поздравам гостите и јас, а очекуваме да го добиеме и обраќањето на новиот претседател на ИМАГО, Кеес ван Острум.

Новото „нормално“ во секој случај нè засега сите и мора да научиме да живееме со него. На што ќе бидете фокусирани во подготовката на наредното издание?

- Одлично кажано, новото „нормално“. Јас имам втор двегодишен мандат како директор на фестивалот и мислам дека веднаш по овие активности ќе треба да избереме главен селектор по конкурсот распишан од ДФРМ во февруари, а кој не се направи поради пандемијата. Новото нормално ќе мораме да го прифатиме, но не треба да престанеме да се обидуваме да го надминеме со организирани мерки и подготовки на протоколи за киносалите. Имам намера да подготвам програма, да преговарам со филмски уметници кои мислам дека ќе бидат вистински предизвик да ни дојдат гости и посетители од целата Македонија и регионот, како што се случува и последниве години. Да, ризикот е голем, но мислам дека пред нас е цела година многу сериозно да ги разгледаме сите варијанти за да им го приближиме филмот на публиката која ја почитува оваа уметност. 

Гена Теодосиевска (фото: Александар Кондев)

Филмската индустрија е неуморлива, големи средства се вложени, а продуцентите се во небрано. Тие се во стапица поради протоколите што мора да ги испочитуваат за време на снимањето, а можеби баш таквиот приод нема да го достигне саканиот филмски ефект. Да не сте им во кожа. Но, зад успешен фестивал стојат: квалитетна програма и познати и признати гости, нови, а веќе добро оценети филмаџии, едуцирана публика, но и едуцирање на публиката, професионална екипа на организатори, но и соработка со новинарите, филмските критичари, медиумите, а ИФФК „Браќа Манаки“ треба само да ги потврди позитивните примери и модели на „пакување“ на еден филмски фестивал, вака единствен, посебен, уникатен каков што е. За следната година, ако сѐ биде во ред, подготвуваме исклучителни изненадувања.

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска/srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура