X
 19.10.2018 Живот

Половина век по гастарбајтерскиот договор Германија сѐ уште е сон на работниците од земјите на бивша СФРЈ

Кога пред точно 50 години Социјалистичката Федеративна Република и тогашната Западна Германија го потпишаа таканаречениот гастарбајтерски договор за можности за вработување на работници од Југославија во Германија, официјално започна ерата на масовно иселување на луѓето од овие простори. Тој бран иселувања никогаш не престана, па Германија и ден-денес е желба на многумина од земјите од поранешна СФРЈ.

Иако овој октомври се слават 50 години од потпишувањето на договорот за ангажирање на југословенската работна сила во СР Германија, треба да се земе предвид дека СФРЈ во миграциските процеси на работната сила се вклучила многу порано.

- Имено, веќе од 1963 година југословенските работници заминуваат на „привремена работа“, а во моментот на потпишување на договорот со СР Германија, во таа земја веќе биле вработени повеќе од 300.000 работници. Потпишувањето на договорот било оневозможено поради непостоењето на дипломатски односи меѓу СФРЈ и СР Германија. Тие биле обновени на 31 јануари 1968 година и со самото тоа веќе не постоеле препреки. Потпишувањето на договорот со СР Германија треба да се согледа во поширока историско-политичка перспектива бидејќи тоа, пред сè, значеше успех за источната политика на Вили Брант - објаснува Владимир Ивановиќ од Хумболтовиот универзитет во Берлин.

Во 1965 година Југославија потпишува договори за ангажирање на работници со Австрија, Франција и Шведска.

- Потпишувањето на договорот со СР Германија во 1968 година доведе до тоа во рок од само неколку години во таа земја да се формира своевидно национално малцинство
. Веќе во 1972 година повеќе од 800.000 југословенски работници се на работа во СР Германија, претставувајќи најголема група на странци во таа земја - вели Ивановиќ.

Во Германија на привремена работа

Со потпишувањето на договорот Југославија признала дека има вишок работна сила и дека во социјалистичкиот рај нема работа за сите.

- Треба да се има предвид дека СФРЈ била единствената социјалистичка земја што се одлучила за извоз на работна сила. Имено, по големите стопански реформи во 1965 година и обидот да се воведат пазарни принципи на работа во стопанството, за земјата да стане поконкурентна на светскиот пазар, голем број работници остануваат без работа. Југословенската владејачка номенклатура сметала дека со отворањето на земјата и со вработувањето на работниците во странство на некое време би бил решен проблемот со невработеноста, истовремено работниците по враќањето би донеле со себе таканаречено „know-how“. Елементот привременост секогаш бил присутен. Југославија сакала да прати луѓе од неразвиените подрачја на работа во странство. До тоа всушност не дошло. Југословенската работна сила во СР Германија е најобразована од сите странски работници. Пред сè, поради тоа што на работа заминувале квалификувани работници. Сите работници отишле за да се вратат. Но, не дошло до тоа - вели професорот.

Фото: Buka

Југословенските власти, по интервенцијата во Чехословачка, Хрватската пролет (Маспок) и движењето на Српските либерали, го промениле односот кон заминувањето во странство. Иако не било можно да се запрат веќе започнатите миграциски процеси, на југословенските власти им било јасно дека во странство работи цела „трета армија“ на која не би можело да се смета во случај на надворешен напад на Југославија. Затоа од 1972 година се запира масовниот бран на регуларно вработување, односно вработување преку договор во СР Германија.

Девизи, девизи

Повеќе работници од Југославија на работа во Германија значело и зголемување на испраќањето девизи, односно пари во родниот крај.

- Девизните дознаки од почетокот на работничките миграции играле огромна улога во Југославија. Добар дел од општествениот производ доаѓал од дознаки, а работниците на привремена работа често биле финансиери и иницијатори на електрификација на родните села или изградба на патишта. Така што играле голема улога во смисла на самопридонес - вели Ивановиќ.

Според податоците на Светската банка од 1989 година, Југославија на контото на девизни дознаки имала прилив од повеќе од 3,5 милијарди американски долари.

- Една од ставките на џентлменскиот договор меѓу Тито и Брант за обесштетувањето на жртвите на нацистичкиот прогон била и на Југославија да ѝ се стават на располагање заштедите на југословенските работници во СР Германија во вид на кредит. Гарант била германската влада - нагласува професорот.

Гастарбајтерите неминовно имале големо влијание врз историјата на Југославија и врз историјата на односите на некогашната Југославија и земјите настанати по нејзиниот распад со денешна Германија.

- Сепак, гастарбајтерите биле југо-шваби и на нив се гледало како на некој што е со пониско образование и отишол со куферот в раце со желба да ја изгради најголемата куќа во селото. Вистината е далеку од оваа врежана слика бидејќи огромен број луѓе од една земја значително влијаат врз другата и обратно. На пример, се создала југословенска кујна во СР Германија, а благодарение на гастарбајтерите, ќебапите денес може да се купат во сите германски супермаркети и се неизоставен дел од скарата. Во текот на седумдесеттите години на просторите на СР Германија се отворени повеќе од 5.000 југословенски ресторани наменети за германската публика - вели професорот.

Трет бран на иселување

Миграциските процеси започнати пред 50 години никогаш не се запрени. Војните од 90-тите значеле втор бран на иселување во Германија, а денес сме сведоци и на третиот.

- Како што веќе напоменав, првиот бран иселувања имал огромно влијание. Во војните во текот на 90-тите години и вториот бран иселувања тие биле први што им помагале на босанските бегалци, а многумина нашле засолниште кај роднините. Не е случајно што СР Германија примила повеќе од 320 илјади, а Австрија повеќе од 70 илјади босански бегалци. Денес сме сведоци и на т.н. трет бран, кога голем број луѓе од просторот на поранешна Југославија се одлучуваат да одат во СР Германија. Ангела Меркел во екот на бегалската криза во 2016 година го отвори германскиот пазар за работна сила од просторите на Западен Балкан - вели Ивановиќ.

Берлин
Фото: Pixabay

Разликата е во тоа што денес нема елементи на привременост и што не постои организирано вработување преку биро, туку луѓето сами се грижат за своето вработување.

- Непознавањето на законските регулативи често доведува до големи злоупотреби на работниците и неисплаќање на заработеното. Во текот на 60-тите години постоеле низа советувалишта кои воделе грижа за работниците. Денес го нема тоа и само германските синдикати во ограничена мера се борат против злоупотребата на работната сила. Паралели можат да се најдат во тоа што предрасудите останале исти. Германија сè уште е ветуваното уредено општество, а ние сè уште сакаме да станеме „тетката од Германија“ кога ќе пораснеме - заклучува Ивановиќ.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот