X
 19.11.2020 Политика

Педро Ласкураин - човекот кој бил претседател на држава само 45 минути

Кога политичар ќе биде избран за највисоката функција во земјата, тоа вообичаено е за подолг период. Пред да се воведе ограничување на два мандати за претседател на САД, Френклин Рузвелт бил на оваа функција 12 години. Нурсултан Назарбајев бил на чело на Казахстан од 1990 до 2019 година. Денис Сасу Нгуесо е претседател на ДР Конго од 1997, а претходно бил на оваа функција од 1979 до 1992 година.

Меѓутоа, има еден претседател што бил на оваа функција околу 45 минути во 1913 година. Станува збор за Педро Ласкураин од Мексико. Мандатот на Ласкураин, кој веројатно е најкраток во историјата, не бил случајност. Тој бил градоначалник на Мексико Сити и министер за надворешни работи во владата за време на претседателот Франциско Мадеро.

Ласкураин бил во политичките кругови кога мексиканскиот генерал Викториjано Хуерта одлучил да го искористи како пион во државен удар. Ласкураин требало да стане претседател доколку нешто му се случи на Мадеро, а Хуерта го знаел ова и знаел дека би можел да го убеди Ласкураин да биде негов соучесник.

Хуерта го планирал државниот удар заедно со Феликс Дијаз, внук на Порфирио Дијаз, кој бил претседател на Мексико пред Мадеро. Двајцата заговорници започнале лажна битка за да укажат на немири во Мексико, иако тие довеле до вистински жртви.

Според една верзија, Ласкураин му пришол на Мадеро како претставник на Хуерта и разговарал за желбата на Хуерта да го симне Мадеро од власта. Мадеро се согласил под услов неговата оставка да се чува додека тој не се качи безбедно на брод и избега од насилните раце на Хуерта.

Ласкураин не го почитувал договорот бидејќи бил убеден дека Хуерта нема да му наштети на Мадеро. Кога била напишана оставката, Ласкураин му ја предал на Хуерта. За неколку дена, Мадеро и потпретседателот Хосе Марија Пино Суарез биле убиени.


Фото: Педро Ласкураин/Wikipedia

Ласкураин требало да ја преземе функцијата претседател на 19 февруари. Откако го сторил тоа, Хуерта му наредил на Ласкураин да го назначи за главен министер со што би бил следен во редот за претседател. Ласкураин поднел оставка за 45 минути бидејќи ги постигнал целите договорени со Хуерта. Хуерта ја презел функцијата и станал претседател истата вечер.

Тој останал на функцијата до 1914 г., кога бил прогонет. Хуерта починал во 1916, додека Ласкураин починал во 1952 година.

Така, на 19 февруари Мексико технички имало тројца претседатели во ист ден.

Автор: Џејк Росен
Извор: mentalfloss.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Политика