X
 19.11.2020 Живот

Советот за безбедност предлага 30-дневна кризна состојба. Што значи тоа?

Советот за безбедност, по исцрпна дискусија, донесе заклучок кој ќе биде проследен до Владата, а се однесува на тоа да се предложи прогласување кризна состојба во траење од 30 дена, соопшти денеска претседателот Стево Пендаровски по состанокот на Советот за безбедност во вила „Водно“.

Шефот на државата оцени дека состојбата со Ковид-19 во земјава е исклучително сериозна. А состојбата не е поинаква, како што рече, во буквално сите земји во Европа и светот, далеку полоша од пролетниот бран.

Седницата на Владата на која овој предлог треба да се разгледа, според најавите, би требало да се одржи најдоцна до утревечер, по што се очекува да биде прогласена 30-дневна кризна состојба.

На седницата на Советот за безбедност на Република Македонија, покрај редовните членови на Советот, премиерот Зоран Заев, претседателот на Собранието, Талат Џафери и министрите за одбрана и за надворешни работи, Радмила Шекеринска и Бујар Османи, на покана на претседателот Пендаровски присуствуваше и министерот за здравство Венко Филипче. Министерот за внатрешни работи Оливер Сапсовски не присуствуваше на состанокот.

Во Македонија, во поново време кризна состојба беше прогласена во Дебар во почетокот на пандемијата со коронавирусот, а со години се прогласува кризна состојба на јужната граница поради мигрантскиот бран.

Одлуката за постоење кризна состојба, според Законот за управување со кризи, ја донесува Владата, која го определува и подрачјето зафатено со кризна состојба. Одлуката на Владата може да трае до 30 дена. За да продолжи подолго од овој период, Владата треба да побара одобрување од Собранието.

Законот за управување со кризи предвидува и Армијата да може да учествува со дел од своите сили во случај на кризна состојба.

Претседателот појасни дека државата ќе ги компензира здравствените услуги што ќе ги даваат приватните здравствени клиники и болници и дека државата ќе се стави во улога на менаџер.

- На располагање ќе бидат капацитетите на сите приватни клиники, болници и кадарот во нив. И многу брзо ќе направиме план за работа денес по предлогот за кризна состојба, со оглед на тоа дека ова е првпат да се воведе ваква состојба во оваа држава - истакна министерот за здравство Венко Филипче по завршувањето на седницата на Советот на безбедност.

На новинарско прашање дали во истиот момент ќе се побара помош од персонал од приватните клиники и дали пациентите ќе можат да го користат приватното здравство како државно, Филипче вели:

- Имаме план во овој момент, но не е исклучено да се побара кадар. Апсолутно сите ресурси ќе ги земеме предвид, како болничките капацитети така и кадри.

Филипче одговори и дали ќе се формираат нови ковид-центри.
- Се прави целосна мобилизација. Интерните се во центарот, каде што има еден слободен кат, се планира да се стават во функција и дополнителни капацитети во „8 Септември“ - посочи министерот за здравство.



Прогласувањето кризна состојба им дава и поголеми ингеренции на општините. Општините и градот имаат обврска за свои потреби, заради ефикасна превенција и рано предупредување од потенцијална кризна состојба, да вршат процена на ризиците и опасностите на локално ниво, да ги утврдуваат потребите и да ги планираат ресурсите, предвидува Законот. Во него се наведува дека во справувањето со кризи, општините и градот Скопје ги вршат и следниве работи:

„Ги следат состојбите и дејствата и појавите кои можат да доведат до настанување на криза на подрачјето на општините и на градот Скопје, донесуваат процена на загрозеноста од ризици и опасности за настанување на кризна состојба, донесуваат програма за ревитализација по елиминирањето на кризата, ги спроведуваат одлуките на Владата во врска со управување со криза и одлучуваат за висината на средствата за управување со кризи од буџетот на општините и на градот Скопје“.

Кој управува во кризна состојба?

Инаку, истиот закон во случај на кризна состојба предвидува во системот за управување со кризи да се формираат Управувачки комитет и Група за процена и да се основа Дирекција за управување со кризи.

Управувачкиот комитет е тело на Владата и во него, меѓу другите, членуваат министри и еден претставник од Кабинетот на претседателот, но ќе има вклучено и опозиционер. Имено, законот предвидува во телото да има и еден претставник од Комисијата за одбрана и безбедност на Собранието од редот на членовите на Комисијата од најголемата политичка партија во опозиција.
Групата за процена, пак, ја сочинуваат директорите на Бирото за јавна безбедност, директорите на разузнавачките служби и претставници од други ресори. Носител на вкупната поддршка (стручна, организациона, административна и друга) на Управувачкиот комитет и Групата за процена во случај на кризна состојба, според законот, е Центарот за управување со кризи, кој од неодамна доби нов директор, поранешниот полициски генерал Стојанче Ангелов.

Издвојуваме

Живот