X
 19.12.2021 Наша тема

Топ-10 дестинации за патување во Македонија во 2022 година

Тимот на најголемата туристичка група во Македонија - „Патувања низ Македонија“ направи селекција на десет помалку познати места и скриени убавини на нашата земја кои треба да ги посетите во 2022 година.


Дебарско Езеро, плажа „Перла“

Дебарското Езеро се наоѓа во западниот дел на Македонија, во близина на македонско-албанската граница, јужно од Дебар, на местото каде што Радика се влева во реката Црни Дрим. Максималната температура во текот на летните месеци на водата е 23,9°С, што ја прави погодна за капење. Во близина на источниот брег на езерото се наоѓа и Дебарскиот Остров.

Долината на кактусите

Долина на кактусите се наоѓа над селото Клисура, во близина на Демир Капија, каде што се наоѓаат многубројни кактуси засадени од семето кое го донеле птиците преселници. Месноста плени со шаренилото на кактусите, кои расцутуваат летно време со жолти цветови. Цутењето трае долго и може да се повторува повеќе пати во текот на годината. Особено е интересно тоа што кактусите не само што успеале на овој простор туку и почнале да зафаќаат голема површина.

Тунелите во Кратово

Кулите се особена гордост на Кратово. Градени се во средниот век и некогаш биле 13 на број. Денес, во добра состојба се само шест. Кулите некогаш биле во сопственост на закупците на рудниците. Тие тука живееле, заедно со семејствата, но и со работниците и нивните семејства. Тука живееле и чуварите што ги чувале кулите, всушност парите (ковани од рудата во рудниците), па затоа кулите биле поврзани со тунели. Еден од влезовите на тунелите се наоѓа кај Грофчанскиот мост, додека излезот е на другата страна, кај Радин мост, од каде што лесно можело да се пребегне во густата шума позната само за мештаните.



Манастир „Св. Никола“, село Манастир, Мариово

Манастирот почнал да се гради во 1095 година. Во црквата се насликани значајни претстави на житието на свети Никола, големите празници посветени на Исус и на Богородица, на пророците и на други светители. Црквата е живописана во 1271 година и е еден од најзначајните споменици на културата од византискиот период, кој содржи извонредни фрески, какви што се Св. Богородица со ангелите и Св. Никола. Овој тип сликарство е застапено само во црквата во Курбиново и во катедралната црква „Св. Софија“ во Охрид.

Македонска Каменица

На глобално ниво постојат многу „натпревари“ за најзелен град на планетава. Секоја година избираат по еден таков, но изгледа не ја виделе нашата Македонска Каменица. Македонска Каменица се наоѓа во источниот дел на Македонија. Се наоѓа во подножјето на Осоговските Планини и познат е како рударски град. Најпознатиот македонски рудник за олово и цинк „Саса“ е во неговата непосредна близина. Како град е прогласен во 2004 година. Седиште е на истоимената општина, која има 9 населени места со вкупно 8.110 жители. Според пописот од 2002 година, градот има 5.147 жители. Мир, спокој и одмор за душа и очи.

Соленица, извор на солена вода

Соленица е извор на солена вода кој се наоѓа веднаш до течението на Сланска (или позната и како Дренска Река), во самото нејзино течение од десната страна, близу до селото Сланско и Македонски Брод. Изворот е соѕидан во бетонска каптажа која е отворена од горната страна, со можност за црпење и полнење вода и мала истека во самата река. Водата од изворот е многу солена и се одликува со голема проѕирност. Според мерења извршени по Првата балканска војна од Хемиската лабораторија од Белград, водата од овој извор содржела 36 грама чиста готварска сол во еден литар вода. Во текот на светските војни многу селани од околината и од Прилепско доаѓале на изворот Соленица да полнат вода за месење леб.

Село Пуста Река, Крушево

Пуста Река е планинско село оддалечено 15 километри северозападно од Крушево. Се наоѓа на околу 1.119 метри надморска висина, опколено е со средновисоки планини и има многу убави терени исполнети со борови, букови и дабови шуми. Надморската височина и околните шуми го прават селото да има многу пријатна клима и во лето температурите не се многу високи. Во Пуста Река можат да се видат многу убави пејзажи во сите годишни времиња. Низ селото тече мала рекичка која во лето пресушува, а повисок водостој има само во рана пролет кога се топи снегот од планините. Патот до селото од минатата година е целосно реконструиран.

Музеј на виното, Кавадарци

Историјата на Тиквешкиот Регион во производството на грозје и вино е претставена низ неколку поставки во Музејот на виното кој беше отворен минатата година во Кавадарци. Меѓу експонатите се наоѓа апарат за мерење шеќерност во виното од 1534 година, т.н. фрижидер-ледара од 1934 година, во кој своевремено се носел мраз од т.н. ледари од месноста ,Мечкина Дупка кај Кавадарци, како и други занимливости поврзани со производството на вино.

Археолошки локалитет „Света Петка“, Пехчево

Археолошкиот локалитет „Св. Петка“ се наоѓа на 4,5 км, односно во непосредна близина на градот Пехчево. Некогаш на ова место порано постоел манастирски комплекс со старохристијанска црква која била градена со камен и вар. Звукот од камбанаријата се слушал дури до Берово. Поради одличната местоположба и височината од 1.045 м.н.в., од местото има фантастичен поглед кон Пијанец на север и Малеш на југ. Во 2001 година на ова место се изградила црква посветена на св. Петка. Црквата е изградена на темелите на некогашната црква што била тука. Внатре во црквата има многу икони кои се оставени од верниците. До местото во 2016 година е направен асфалтен пат.

Селечка Планина

Селечка Планина е средновисока планина која се наоѓа јужно од градот Прилеп помеѓу Пелагонија на запад и Мариово на исток. Највисок врв е Висока, кој е висок 1.471 метар. Планината е богата со наоѓалишта на јаглен, а во нејзиното подножје се наоѓаат и најголемите рудници за ископ на јаглен во Македонија. Источната падина во Мариово е богата со голем број гранитни карпи со мошне интересни облици. На планината се среќаваат голем број мали извори од кои потекуваат мали реки кои во летниот сув период во најголем дел пресушуваат. Шумскиот фонд е мошне редок и е претставен со листопадни шуми од даб и леска, а на зарамнетите падини има и ниска тревна вегетација. Тука ќе ги видите и спомениците на природата, карпи во форма на врапче, желка, девојка и други.

 

Останува во текот на следната 2022 година да шетате, уживате и најинтересно нешто, да ги запознаете скриените убавини на нашата Македонија.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема