X
 20.01.2021 Живот

Тајната за доброто помнење се крие во еден едноставен фактор

Доколку сакате да бидете како оние среќници што помнат детали, постојат многу техники на интернет за подобрување на помнењето. Но норвешкиот невропсихолог Илва Остби вели дека овие техники имаат мал ефект. Таа во книгата „Мемориски авантури“ (angl. Adventures in memory), која ја напишала со сестра си Хилда Остби, открива дека вистинската тајна за добра меморија лежи во емоциите. Поточно, треба да ви е важно она што сакате да го запомните.

Очигледно, повеќе генијалци би се согласиле со Остби. Сестрите разговарале со повеќе професионалци додека ја пишувале книгата. Заклучокот е дека луѓето најдобро помнат информации кои се од значење за нив.

Во процесот на помнење, новите информации ги поврзуваме со претходни идеи. Често забораваме имиња на луѓе бидејќи немаме со што да ги поврземе. Некои од најголемите генијалци веќе го разбираат ова и го применуваат во учењето. Илон Маск и Бил Гејтс советуваат да се учат основните широки концепти кога се учи нешто ново. На тој начин може да се поврзат информациите.


Фото: Pixabay

Но за да најдете значење во новите информации, треба тие да ви бидат важни. Сестрите Остби објаснуваат дека најсилните врски во мозокот се создаваат кога учиме нешто од значење и се трудиме да го разбереме. Затоа, некој што има страст за одредена активност подобро може да ја совлада од оние кои не покажале интерес за истата активност. Накратко, колку поголемо значење за вас има одредена работа, толку побргу ќе ја запомните или научите.

Многу луѓе што се потпираат на меморијата не користат техники за помнење, туку едноставно имаат страст за она што го работат. Можеби затоа Алберт Ајнштајн го советувал својот син да учи да свири пијано свирејќи ги мелодиите кои му се допаѓаат.

- Ова е начинот на кој може најдобро да се научи, бидејќи кога правите нешто во што уживате не забележувате дека поминува времето. Некогаш сум толку навлезен во работата што заборавам на пладневниот оброк - напишал научникот.

Автор: Џесика Стилман
Извор: inc.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот