X
 20.02.2019 Живот

Претставен концептот на новиот научно-технолошки парк во Скопје

Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) го претставува концептот на новиот научно-технолошки парк во Скопје. Проектот ќе се гради во три фази, а видеото од концептот на научно-технолошкиот парк е достапно на следниот линк:




Основањето на паркот е иницијатива на Владата на Република Северна Македонија, а се спроведува од страна на Фондот за иновации и технолошки развој и Министерството за информатичко општество и администрација. Целта е забрзан економски раст и побрз приклучок кон светските економски и општествени текови. Научно-технолошкиот парк е простор кој под еден покрив нуди инфраструктура, услуги и пристап до финансии што ќе поттикнат раст базиран на ризик, знаење и иновации и ризик. Истовремено, паркот ќе биде место за контакт и соработка помеѓу академската заедница, студентите, бизнисите и инвеститорите.

Оваа недела беше отворен Деловно-технолошкиот акцелератор УКИМ за млади претприемачи и иноватори, кој е дел од првата фаза од научно-технолошкиот парк. Акцелераторот е сместен во кампусот на техничките факултети во Скопје, а за оваа намена Владата во соработка со Светската банка ги обезбеди првите половина милион евра инвестиции. Тука се предвидени почетни инвестиции до 25.000 евра по компанија, како и до 75.000 евра во втората инвестициска фаза за стартапите со потенцијал за брз раст.

На настанот свои обраќања имаа претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, еврокомесарката за дигитална економија и општество, Марија Габриел, како и директорот на ФИТР, Јован Деспотовски.

Втората и третата фаза на научно-технолошкиот парк предвидуваат изградба на нови згради и лаборатории, кои се очекува да бидат завршени до 2024 година (втора фаза), односно до 2027 година (трета фаза).

Студијата за изводливост е подготвена со финансиска и техничка поддршка од Делегацијата на ЕУ во Скопје. Вкупната проценета инвестиција во научно-технолошкиот парк за сите три фази е околу 80 милиони евра.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот