X
 20.04.2016 Живот

Осум лаги во животот на една мајка

Абрахам Линколн еднаш рекол: „Сè што сум сега, или сè што се надевам дека ќе бидам, му го должам на својот ангел - мајка ми.“

Оваа поучна приказна можеби ќе ве растажи, но ќе ве потсети на безусловната љубов и пожртвуваност кои ги даваат само мајките.

Мојата мајка не ја зборуваше вистината секогаш. Ме излажа осум пати во важни животни моменти. Приказната започнува со моето раѓање.

Роден сум како единец во многу сиромашно семејство. Сиромашно до таа мерка што не имавме доволно храна, а не нешто повеќе. Во ретки ситуации се случило да имаме малку компири во домот. Мама би подготвила скромен оброк и секогаш би го истурила својот дел на мојата чинија велејќи: Јади сине, јас не сум гладна. - Тоа беше нејзината 1 лага.

Кога малку пораснав, мојата мајка, по завршувањето на домашните обврски, би отишла до реката која се наоѓаше под куќата, надевајќи се дека ќе улови риба за јас да јадам здрава храна и да се развивам како секое друго дете. Во една ситуација, успеа да улови дури две риби. Побрза дома и ги подготви двете риби и ги стави пред мене. Јас малку по малку јадев риба, а мојата мајка го јадеше она што остануваше позади мене на коските. Гледајќи го тоа, моето срце затрепери и другата риба ја ставив пред мајка ми, а таа ја врати велејќи: Сине, изеди ја и другиата, знаеш дека јас не сакам риба. - Тоа беше нејзината 2 лага.

Времето минуваше и стигна денот на моето тргнување на училиште. Кога немавме доволно пари за да се образувам, мама отиде во една продавница за облека и се договори со сопственикот да продава облека по куќите на богатите и угледни луѓе. Една студена и дождлива ноќ, мама се задржа подолго на работа. Чекајќи ја дома, се загрижив и излегов да ја побарам. Ја видов како носи торба со облека и чука на вратата на туѓи луѓе. Ја викнав: Мамооо, ајде дојди. Одиме дома, доцна е и студено е. Можеш да продолжиш утре наутро! Таа се насмевна и рече: Сине мој, јас не сум уморна. - Ова беше нејзината 3 лага.

Стигна денот на полагање на испитите. Иако беше многу топло, мама тргна со мене на училиште. Сонцето ја пржеше земјата. Влегов во училиштето, а таа остана во училишниот двор. Кога завршија тестовите, излегов од училиштето, а таа ме пречека со топла мајчинска прегратка, исполнета со љубов и милост. Во раката држеше студен и свеж сок кој го купила за мене. Кога почнав да го пијам, се свртев и ја погледнав: на нејзиното чело течеа капки пот. Ѝ подадов чаша и реков: Мамо, пиј.А, таа рече: Сине, само ти пиј. Јас не сум жедна. - Ова беше нејзината 4 лага.

По смртта на мојот татко, мајка ми живееше тежок живот на вдовица. Ја презема целата одговорност за водење на куќата, едноставно мораше да се грижи за сè. Животот стана потежок, а ние често гладувавме. Покрај нашата куќа живееше мојот вујко, инаку многу добар човек. Тој често ни испраќаше храна да го задоволиме гладот. Кога соседите видеа дека нашата состојба станува неподнослива, ја советуваа мајка ми, која сè уште беше млада, да се омажи за човек кој би ни помогнал. Меѓутоа, мојата мајка го одби овој совет со зборовите: Јас немам потреба за љубов. - Ова беше нејзината 5 лага.

По завршувањето на факултетот, добив добро платена работа во една фирмаи одлучив да ја преземам грижата за домот. Како што здравјето на мајка ми ослабуваше, повеќе не можеше да продава облека по куќите, така што почна да продава зеленчук во продавница. Кога одби да престане да работи, издвоив дел од својата плата и ѝ го дадов, а таа го одби велејќи: Чувај ги сине своите пари, јас имам доволно за себе. - Ова беше нејзината 6 лага.

Без разлика што добив работа, продолжив со образованието и набргу магистрирав. Постигнав успех и се зголемија моите приходи. Една фирма ми понуди добра работа во Германија. Се израдував и започнав да сонувам за новиот среќен живот. Откако отпатував и ја средив својата положба, ја повикав мајка ми да живее кај мене. Таа не сакаше да ми пречи и ми кажа: Сине, јас не научив да живеам удобно. - Ова беше нејзината 7 лага.

Како што поминуваше времето, мајка ми сè повеќе старееше и набргу заболе од карцином. Во тие тешки моменти некој мораше да ѝ помага. Што можев да направам кога меѓу мене и мојата сакана мајка беа многу држави? Оставив сè и се вратив дома. Мајка ми ја сретнав во постела. Кога ме погледна, се обиде да се насмее. Срцето ми се расцепуваше бидејќи беше исцрпена и слаба. Тоа веќе не беше онаа мајка која ја познавав. Солзите започнаа да течат низ моите образи, но таа и тогаш се обидуваше да ме утеши велејќи: Сине, не плачи, јас не чувствувам болка. - Ова беше нејзината 8 и последна лага.

Откако го кажа тоа, затвори очи и повеќе не ги отвори. Секому кој ужива во дарот да има живи родители му порачувам: Чувај го овој дар пред да тагуваш за загубата на него.

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот