X
 20.05.2022 Здравје

Симптоми, начин на пренесување и сѐ друго што треба да знаете за мајмунските сипаници

Случаи на мајмунски сипаници се откриени во неколку европски земји, меѓу кои и Обединетото Кралство, Португалија и Шпанија. Каква е оваа болест?

Според американскиот Центар за контрола и спречување болести, мајмунските сипаници првпат биле откриени во 1958 година кога се прошириле случаи на болест слична на сипаниците кај мајмуни кои биле чувани за истражувачки експерименти. Меѓутоа, не се знае дали вирусот се создал во мајмун.

Првиот случај на мајмунски сипаници кај човек бил забележан во 1970 година во Демократска Република Конго, а оттогаш се регистрирале случаи кај луѓето во други африкански земји.

Кои се знаците и симптомите?

Симптомите се слични како на сипаниците, но поблаги. Тие почнуваат со температура, главоболка, болка во мускулите и умор, а потоа се појавува отекување на лимфните јазли. За 1-3 дена или подолго, пациентот почнува да добива исип на телото, кој најчесто започнува на лицето.


Фото: Freepik

Како се пренесуваат?

Вирусот може да влезе во телото преку процепи во кожата, респираторниот тракт и слузокожата. Луѓето може да се заразат од животни, од други луѓе или од материјали на кои го има вирусот. Се претпоставува дека ширењето меѓу луѓето најчесто се случува преку капки кои се исфрлаат при зборувањето, односно преку контакт лице в лице. Може да се случи заразување и со контакт со телесни течности или материјали на кои го има вирусот.

Како да се одбегне заразувањето?

Се препорачува одбегнување контакт со животни и луѓе што биле заразени, како и материјали што биле во контакт со заразени лица или животни. Се охрабрува и редовно миење на рацете и водење добра хигиена.

Како се третира вирусот?

Во моментов нема специјален третман само за мајмунските сипаници, но се користат вакцини против сипаници и лекови за сипаници.

Извор: Interesting engineering
Насловна фотографија: Freepik
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје