X
 20.05.2023 Наша тема

„Пчелните производи се целосно природни лекови кои немаат несакани дејства“, вели пчеларката и фармацевтка Магдалена Јанчова

Улогата што ја имаат пчелите во природата, нивната недоволно истражена природа - фасцинира. Нивната совршеност, организираност, како се грижат едни за други. Покрај тоа се и здравствените придобивки што ги имаме од нивните производи, мед, млеч, перга, за кои веќе сите знаеме дека се големи, кои исто така ми причинуваат задоволство, вели пчеларката Магдалена Јанчова

Магдалена Јанчова е млада пчеларка од виничкото село Грљани. Таа заедно со нејзиното семејство произведува мед и други производи од пчели. Да се занимава со мед почнала од љубопитност, но сега веќе тоа ѝ е хоби на кое ги троши времето и енергијата со многу љубов и внимание. По повод 20 Мај - Светскиот ден на пчелата, разговараме со неа за одгледувањето на пчелите, за нивното зачувување, за важноста на пчелите и медните производи.



-Искрено, моите почетоци беа најпрво една детска љубопитност, татко ми почна со неколку пчелни семејства кога бев многу мала, трето одделение. А јас постојано трчав околу него да му „помогнам“. Потоа тоа постепено прерасна во хоби или поточно во љубов. Најпрво учев од татко ми, но во оваа дејност никогаш не можеш да кажеш дека знаеш доволно, со секој разговор со пчелар, со секоја новопрочитана книга дознаваш нешто ново и нешто корисно. Од пред неколку години сме и членови на здружението „Меден исток“, од каде што исто така многу научив и сѐ уште учам од членовите кои сакаат да ги споделуваат своите искуства и начини на работа – раскажува Магдалена.

Пчелите нѐ учат на трпеливост

Тие живеат во Источна Македонија, поточно с. Грљани, Виница.

-Селото е ридско-планинско место, на надморска височина од 750 м. Овде ни се и пчелите, чија бројка моментално е 50 пчелни семејства, поради загубата што ја имавме пред некоја година, веќе климатските промени почнуваат да ги чувствуваат и тие. Но плановите ни се повторно да ги зголемиме. Досега продажбата на производите ни е само на мало. Буквално дознаваат за нас од уста на уста. Кога нешто им се допаѓа, луѓето знаат да споделат со други, и тоа е една добра човечка особина. Така ги стекнуваме муштериите, а ги имаме од цела Македонија. Мене тоа повеќе ми се допаѓа бидејќи го гледаш задоволството кај луѓето, имаш искрена и повратна информација за квалитетот, а со тоа не го гледаш производот само како профит, туку како нешто што зборува за тебе. Секако, потребно е многу повеќе време додека да се слушне гласот, но пчелите постојано нѐ учат на трпеливост, така што не е проблем – изјавува Магдалена.



На прашањето кое е задоволството од одгледувањето пчели, таа дополнува:

-Улогата што тие ја имаат во природата, нивната недоволно истражена природа - фасцинира. Нивната совршеност, организираност, како се грижат едни за други. Можам да набројувам уште многу. Всушност, сфаќам дека сите работи што ги набројав се истите оние по кои ние како луѓе копнееме, и можеби тоа најмногу ме привлекува кај нив. Покрај тоа се и здравствените придобивки што ги имаме од нивните производи, мед, млеч, перга, за кои веќе сите знаеме дека се големи, кои исто така ми причинуваат задоволство. Можеби тоа е моја гледна точка како фармацевт, но навистина тоа се единствени целосно природни ,,лекови“ кои немаат несакани дејства – посочува нашата соговорничка.

Без емоции не можеш да се занимаваш со пчеларство



На прашањето какви модерни практики применува, таа вели:

- Тоа што пчеларниците ни се наоѓаат во природа, далеку од секаков извор на загадување, мислам дека е доволно модерно. Покрај тоа, внимаваме да применуваме одржливи биотехнички практики, без користење синтетички хемиски средства. Тоа е и начин на работа кој го застапуваат членовите на здружението. Мое лично мислење е дека колку помалку им го нарушуваме мирот и нивниот начин на работа, колку помалку им се мешаме во нивната природа, толку е подобро за нив. Секако дека сум за нови работи и нови практики, но доколку тоа е во рамките за нивното добро, а не за човечки профит – истакнува Магдалена.

Со самото зачувување на природата, автоматски помагаме и во нивното зачувување, смета таа.



- Кога би можеле да го избегнеме прскањето со пестициди и загадувањето на водата, би направиле многу за пчелите. Покрај тоа, треба да внимаваме и на медоносните растенија, најпрво да се спречи нивно уништување, а потоа добро би било и дополнително да се засадуваат од страна на човекот. Ако сме свесни за вредноста на пчелата, за тоа која улога ја има таа во природата и колку е значајна, верувам дека ќе почнеме да се однесуваме поодговорно. Сепак сме разумни луѓе – вели Магдалена.

За сите млади лица што сакаат да одгледуваат пчели, советува дека е најважно да се има љубов, трпение и почит кон пчелата.



-Без вложување емоции и поврзување со пчелите, не може да се занимаваш со пчеларење, можеби може, но на краток рок. Ова е најважното што треба да го знаат младите идни пчелари. И би им препорачала да се потрудат да ја набљудуваат пчелата. Така ќе ја засакаат, па и тие ќе стекнат многу добри карактерни особини. А пораката до сите пчелари ми е да бидеме посплотени, како и самите пчели. Бидејќи поголемо школо е искуството што ќе го сподели пчелар отколку книгата. Така ќе си помагаме меѓу себе, а верувам дека можеме и повеќе да ги заштитиме и самите пчели – апелира Магдалена.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Наша тема