X
 20.06.2020 Живот

Како настанала пицата маргарита?

Секоја година во јуни Италијанците традиционално го одбележуваат роденденот на пицата, која стана симбол на нивната кујна, но и култура.

Иако рецептот за пицата која има исти состојки како и маргаритата се споменува во една италијанска книга за готвење од 1866 година, еден друг настан, кој ѝ ја донел славата се зема како повод за нејзино настанување.

На почетокот тоа повеќе било погача со домат која се продавала на улиците и во продавниците во Неапол и главно била храна за сиромашното население, сè додека во јуни 1889 година готвачот Рафаеле Еспозито не добил повик да прави пици во палатата Каподимонте.

Постојат неколку приказни за тоа зошто Рафаеле бил повикан, од кои најчесто може да се слушнат две: првата е дека кралицата Маргарита Савојска сама барала таква пица кога видела дека луѓето на улиците ја јадат, а втората е дека пицата била направена по повод нејзиното доаѓање.

Фото: National Geographic

Секако, пицата што ја правел за неа, без разлика дали сама ја барала или ја чекала на маса, Рафаеле ја направил во боите на италијанското знаме: црвено (домат), бело (моцарела) и зелено (босилек).

Од 2009 година рецептот и начинот на подготовка на пицата маргарита се заштитени од ЕУ со ознака Specialità Tradizionali Garantite.

Маргаритата, која ја носи оваа ознака, се прави на традиционален начин од состојки со врвен квалитет. Забранета е употреба на какви било современи помагала за изработка на тестото - кое рачно го подготвува мајстор за пици - pizzaiolo. Се пече на 485 степени точно 90 секунди. Испеченото тесто не смее да биде подебело од 3 милиметри со кора дебела меѓу еден и два сантиметри.

Извор: National Geographic
Насловна фотографија:Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот