X
 20.08.2018 Култура

Ачиле Мбембе: „Политиката на идентитетот е опиум за народот“

Ачиле Мбембе, најважниот мислител од Африка, вели дека имаме поголеми проблеми отколку грижата за внатрешна кохезија на нацијата. Се работи за човечноста. Она што го доживуваме е раскинување помеѓу капитализмот и демократијата - тие веќе подолго време не се компатибилни затоа што капитализмот веќе долго време уништува сѐ што ги поврзува луѓето. Само едно нешто капитализмот може да спои: стоката и пазарот. Капитализмот ги уништува сите основи на заедницата. Ова е глобален проблем. Капитализмот ја доведе во опасност иднината на планетата. Тоа нема врска со идентитетот и е невозможно да се реши со враќањето на националното. Со тоа, политиката за идентитетот е губење време.

Оној што го слушал Ачиле Мбембе додека размислува за светот, потоа ќе го гледа светот поинаку. Моќта на неговите изрази ослободува неверојатни и вознемирувачки сознанија.

Политичарите во многу земји си го припишуваат успехот со зборовите: Имаме доволно проблеми во борбата со глобализацијата и дигитализацијата, не можеме на свои рамена да ја преземеме одговорноста за светот и бегалците од Африка. Затоа, ние ќе ви помогнеме со милијарди за развој - за возврат вие ќе нѐ лишите од вашите проблеми. Што велите вие на тоа?

- Би сакал да е толку едноставно. Ниту еден човек повеќе да не го загуби животот во обидот да ја премине пустината или Средоземното Море за да стигне во земјите во кои не е добредојден. За жал, работите се посложени. На пример, не можете да дојдете и да уништите некоја држава како Либија, а да не сте испланирале што ќе се случи подоцна. Или да ги уништите ресурсите на некои држави со надеж дека луѓето нема да бегаат од овие сиромашни региони, како што е на пример Нигер. Сите овие прашања се меѓусебно поврзани едни со други. Бидејќи токму овие луѓе се спремаат за на пат. Да ја уништите нивната татковина и притоа да мислите дека тие едноставно треба да останат да живеат таму, само по себе се чини апсолутно цинично.

Не можете ниту со пари да го поправите тоа.
- Милијардите секако не одат кај народот. Со тие пари се плаќаат западните компании што таму се градат и утврдуваат нови граници. За разлика од износот што, со помош на африканската елита, заминува од Африка и се слева во глобалните управувачки финансиски кругови, милијардите испратени за помош за развој се навистина малку. Проблемот е: Како татковината на овие луѓе да продолжи да опстанува? Како да се воспостави ново општество со чувство на одговорност на еден кон друг? Тоа ќе се постигне само преку глобални напори, преку коалиција на луѓе со добра волја. Мораме повторно да изградиме солидарност во време во кое нѐ учат дека човечката солидарност е бескорисна и безначајна. Потребни се акции на свесен отпор, културни или политички, за да ни овозможат повторно да ја откриеме привлечноста на човечката солидарност. А за тоа исто така ни е потребно да пронајдеме нови демократски форми. На пример, како да се соочиме со одлуките донесени на Вол стрит?

Идејата за заедница се наоѓа во длабока криза

Постојат политички чекори за нова поврзаност, едно ново НИЕ - како и загриженост за глобалните случувања. Само што овие политики за идентитет се ограничени на национално ниво.

- Тоа повторно е двоен проблем. Како прво: за некој политиката на идентитетот е средство за еманципација, како во женското движење, но и средство за инклузија за да се обединат што е можно повеќе луѓе. Денес оваа политика се користи за спротивното: за исклучување. Можните губитници во општеството се мобилизираат против оние однадвор. За тоа се користат вообичаените обрасци, како што се религијата и расата. Политиката на идентитетот почна да ја загрозува демократијата. Кој сака да ја уништи либералната демократија, мора да вложува во политиката на идентитетот. Одлучувачкото прашање на нашето време е тоа што нѐ поврзува со другите, кои не се НИЕ. Бидејќи сите се погодени со истите проблеми. Второ: во времето на индивидуализмот идејата за заедница падна во тешка криза. Ние сме индивидуи што сами за себе сме одговорни. Ако не успееме, ако пропаѓаме, тоа е само наша вина. На другите не им должиме ништо. Тоа е последица на капитализмот. А така тој го поткопува демократскиот проект.

Притоа, слободниот пазар е валиден како основа за демократијата. Каква врска има тоа со политиката на идентитетот?

-Она што ние го доживуваме е раскинување помеѓу капитализмот и демократијата - тие веќе подолго време не се компатибилни едни со други затоа што капитализмот веќе долго време уништува сѐ што ги поврзува луѓето. Само во едно нешто ги спојува: во стоката, на пазарот. Капитализмот ги уништува сите основи на заедницата. Ова е глобален проблем. Капитализмот ја доведе во опасност иднината на планетата. Тоа нема врска со идентитетот и е невозможно да се реши со враќањето на националното. Со тоа, политиката за идентитетот е губење време. На капитализмот му е потребна таква политика на идентитетот за да го пренасочи вниманието на луѓето; таа е опиум за народот, завеса зад која се скриени вистинските проблеми. Политиката на идентитетот го означува човечкото отуѓување од животните прашања.

Во едно предавање во Аугсбур укажавте на тоа дека денешните граници на светот се поместуваат. Европските граници веќе се наоѓаат во Африка за да ги спречат бегалците. Со дигитализацијата во иднина, луѓето целосно ќе бидат опфатени - нивните тела ќе бидат нивните граници. Ќе бидат подредени по своите права и слободи. Една моќна усогласена игра на политиката на идентитетот, безбедносната индустрија, технолошките групи, војски... Што би можело да го спречи овој развој?


- Експлозивна комбинација и неповратен развој. Тука сум доста песимистичен. Но мораме барем да ги освестиме луѓето за што станува збор и кои се последиците за слобода, демократија и еманципација. Ако некогаш постоело време во кое треба критички да размислуваме, тогаш тоа е денес. Бидејќи ова што денес го доживуваме е целосна трансформација на поимот човечност и човек.

Во која смисла?

Одиме во средба со времето во која ќе може да се манипулира со сето она што е човечка моќ. Бескорисните делови ќе треба да се искоренат: бескорисните делови на човекот и човештвото. Час на голем нихилизам и голем цинизам. Човечноста ја заменуваме со категории на технички објекти. Одлучувањето им го препуштаме на машините бидејќи се пообјективни, поефективни, хиперрационално и супер брзо може да се донесат одлуки - подобри од луѓето. Но овие одлуки всушност не се неутрални. Тие се донесуваат на некоја функционална основа: станува збор за движењето на парите. Дури и парите станаа виртуелни и нивното движење не смее да застане, мора постојано да бидат во оптек и мора да се размножуваат.

Дали тоа не нѐ претвора во луѓе какви што воопшто не сакаме да бидеме?

- Прво што мораме да направиме е повторно да согледаме во што сме се впуштиле. Прашањето треба да гласи: Кон кои околности треба да се стремиме за да станеме луѓето кои сакаме да бидеме? За тоа е потребно критичко размислување. И затоа е трагедија што образованието го приспособуваме на потребите на пазарот. Тоа осиромашување е знак на севкупноста на новата слика на човекот.

Луѓе какви што сакаме да бидеме - дали ни е потребна некоја нова утопија?


- Токму од оваа причина зборувам за свет без граници. Дали е тоа луда утопија - не верувам дека тоа некогаш ќе биде. Ние мораме ваквите идеи да ги прифатиме - во конкуренција со сите овие извонредни перспективи и фантазии за апсолутна безбедност и целосна контрола. Постои долга борба против пропаѓањето на човекот. И никогаш таа борба нема конечно да ја добиеме и ќе мораме секогаш повторно да почнуваме. И ако сѐ повеќе луѓе сѐ почесто доживуваат неуспеси и ако нема влада која би била одговорна за тоа - тогаш ни останува само заедницата да ни помогне да го зачуваме човештвото.

Интервјуто го водеше Волфганг Шуц
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура