X
 20.08.2022 Политика

Што може да се очекува во случај на нуклеарен инцидент во Запорожје?

Воените активности во близина на нуклеарната електрана во Запорожје на југоистокот на Украина предизвикуваат сè поголема загриженост последните денови. Се зголемуваат случаите на гранатирање, а медиумите пишуваат и за можен поголем инцидент што би ја зафатил нуклеарната електрана.

Зошто е важна нуклеарната електрана?

Електраната е сместена на реката Днепар и претставува најголем нуклеарен комплекс од тој вид во Европа и е меѓу 10. најголеми во светот. Електраната е под контрола на руските сили откако ја зазедоа во март, но со неа и понатаму управуваат техничари од украинската државна компанија „Енергоатом“.

Од „Енергоатом“ соопштиле дека руските сили се подготвуваат да ја поврзат електраната со Крим, кој Русија го анектира во 2014 година, и дека ја оштетуваат електраната со пренасочување на производството на електрична енергија.

Сместена на околу 200 километри од полуостровот Крим, електраната има 6 реактори и може да снабдува со струја дури 4 милиони домови.

Каква е ситуацијата сега?

Од „Енергоатом“ соопштиле дека работат само два од шесте реактори. Украина соопштила дека во објектот се оштетени три далноводи и дека електраната работи само со една производна линија, што е исклучително опасно, според нив.

Украина тврди дека Русија распоредила 500 војници и поставила ракетни фрлачи во тоа подрачје, а електраната ја користат како штит. На видеа можело да се забележи дека во комплексот се возат воени возила.


Фото: Wikipedia

Од друга страна, руските власти велат дека украинските сили се одговорни за нападите на фабриката и дека фабриката морала да го намали производството и би можела да биде затворена ако се продолжи гранатирањето. Руските власти неделава предложиле прекин на огнот во околното подрачје.

Како би изгледал нуклеарен инцидент?

Експертите предупредуваат дека секој нуклеарен инцидент би ги погодил и соседните држави на Украина, вклучувајќи ги Русија, Молдавија, Белорусија, Романија и Бугарија. Може да се оштети критична инфраструктура, како реакторите, а тоа би довело до експлозија, според експертите. Електраната се наоѓа до река, па ослободувањето на радијацијата при експлозија би можело да се пренесе на далечина од стотици километри.

Експертот за радиохемија Борис Жујков изјавил дека катастрофа од размер на Чернобил е малку веројатна бидејќи електраните имаат различни видови реактори.

- Многу е тешко да се уништи реакторот, дури и намерно, мора повеќепати да се удира на исто место, но дури и тогаш размерите на катастрофата би биле различни - изјавил Жујков.

Тој објаснил дека електраната во Запорожје има подобра заштита, но ракетен удар би можел да доведе до сериозна несреќа чии размери ќе зависат од многу фактори.

Дали се чува нуклеарен отпад?

Според експертите, во фабриката има нуклеарен отпад, а доколку го погоди граната, би можело да се предизвика големо течење на радиоактивен материјал кој би се ширел низ воздухот и водата. Во електраната се чуваат 1.200 тони нуклеарно гориво.

Извор: Klix
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Политика