X
 20.10.2018 Уметност

Да Винчи сликал прекрасно затоа што имал ретка форма на страбизам?

Ретка состојба на очите му помогнала на Леонардо да Винчи да слика оддалеченост и длабочина на објектите на рамни површини со прецизноста по која е познат, стои во најново истражување.

Да Винчи, еден од најпознатите сликари во историјата на човештвото, имал еден вид страбизам - повремена ексотропија - во кој едното око оди нанадвор, стои во студија објавена во списанието „ЈАМА офталмолоџи“.

- Гледајќи ги неговите дела, забележав видливо несогласување на очите на сите негови слики - објаснува авторот на студијата, Кристофер Тајлер од Лондонскиот универзитет.

Анализирајќи ја насоката на погледот во шест портрети, две скулптури, две слики масло на платно и два цртежа на Да Винчи, Тајлер утврдил дека некои дела покажувале знаци на ексотропија. Не сите шест дела биле автопортрети, но Да Винчи навел во неговите пишувања дека секој портрет на еден сликар го отсликува изгледот на сликарот.

Тајлер ја проценил состојбата на окото преку цртање кругови на зениците, ирисот и очните капаци на секоја слика и ги мерел нивните позиции. Резултатите покажале дека Да Винчи имал тенденција кон ексотропија и едното око му било свртено -10,3 степени нанадвор во релаксирана состојба. Но, славниот сликар можел да го исправи погледот кога бил фокусиран.

Тајлер верува дека само левото око на Да Винчи било погодено од состојбата.

Оваа форма на страбизам погаѓа еден отсто од светското население.

Ексотропијата му овозможувала на Да Винчи да го гледа светот од поинаков агол.

- Она што тој го гледал повеќе би личело на рамно платно, а не како тродимензионален објект, како што ни изгледа нам. На тој начин можел полесно да ја пренесе реалноста на платно - вели Тајлер.

Оваа состојба била спротивна на видот на другото око и затоа уметникот можел да ги разбере тродимензионалните објекти. Таа способност му овозможила поголемиот дел од неговите дела да имаат прецизно сенчење, по кое тој е познат.

Слични истражувачки техники биле користени за да се докаже и дека други големи сликари како Рембрант и Пикасо исто така имале различни типови на несогласување на очите.

Во студијата е наведено и дека различната насока и големина на зеницата во некои негови дела можат да се толкуваат и како анизокорија - состојба во која едната зеница е поголема од другата, но Тајлер смета дека тоа е малку веројатно.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Уметност