Со векови народот Илокано, кој живее на Филипините, носел табунгау или катуконг - карактеристични шапки со жолта или портокалова боја. Во процесот на правење тиквите се со бело-сивкава или светложолта нијанса, често испрскани со траги од кал.
Кога имал петнаесет години, Теофило Гарсија ги набљудувал и им се восхитувал на вештините на неговите татко и дедо, од кои научил да прави шапки по кои е позната филипинската култура. Сега, тој можеби е последниот човек што ја знае постапката на нивната изработка.
- Кога бев млад, се сеќавам дека сите ги правеа во своите домови и ги носеа. Сега е поедноставно да се оди в продавница и да се купи бејзбол-капа - вели Гарсија.
Овие шапки традиционално ги носеле матурантите од средните училишта, земјоделците, а ги носеле и револуционерите што се бореле против шпанскиот колонијализам.
Изработката на катуконг е сезонска работа, во периодот јуни-јули се садат семки од тиква, кога настапува периодот на врнежи. Им се изработува дршка од бамбус за тиквите да се над земја и да бидат заштитени од ситни бубачки. Наесен се берат и во најтоплиот дел од денот се ставаат на земја за да се исушат. Тогаш мравките ја јадат меката каша однатре. Пресечената и исушена тиква се полира и се лакира, а внатрешноста се обликува со бамбус и ратан.
Гарсија годишно прави по 100
шапки и ги продава по селата. Доколку не пронајде некој што ќе го наследи, рачно изработениот симбол на Филипините ќе стане антиквитет.