X
 20.11.2018 Наша тема

Кој најмногу ќе се офајди од буџетот за образование?

Министерството за образование и наука ќе продолжи да врши подобрување на квалитетот на услугите за сместување во ученичките и во студентските домови, зголемување на транспарентноста при доделување стипендии за ученици и за студенти, развој на научноистражувачката дејност, техничката културата и технолошкиот развој, пишува во образложението на предлог-буџетот


Повеќе пари за универзитетите, помалку за ученички и за студентски стандард. Годинашниот предлог-буџет за образование и наука е поголем од минатогодишниот, како и вкупниот буџет на Република Македонија, кој е најголем досега.
Годинашниот предлог-буџет за образование и наука за 2019 година е за околу една милијарда денари поголем од ланскиот. Вкупниот буџет лани изнесуваше околу 25 милијарди денари (25.002.838.000), а годинава нешто повеќе од 26 милијарди (26.096.948.000). Владата деновиве го усвои предлог-буџетот за кој наскоро треба да расправа и да го донесе Собранието.



- Министерството за образование и наука ќе продолжи да врши подобрување на квалитетот на услугите за сместување во ученичките и студентските домови, зголемување на транспарентноста при доделување стипендии за ученици и за студенти, развој на научноистражувачката дејност, техничката културата и технолошкиот развој. Вложувањето во капиталните инвестиции ќе овозможи подобрување на опременоста и условите за изведување на наставата во училиштата, високообразовните установи и домовите – пишува во образложението на предлог-буџетот.

УКИМ ќе добие 16,6 милиони денари повеќе од лани

Иако првичниот буџет за 2018 година изнесуваше 25 милијарди денари, со ребалансот кој беше донесен минатиот месец, една милијарда денари (околу 16 милиони евра) беа скратени во МОН и тоа – 5,3 милиони евра за високо образование (од нив 1,7 милион евра за наука), 2,3 милиона евра за ученичкиот стандард, 1,1 милион евра за основно образование, а 950 илјади евра за средно образование.

За администрација годинава се предвидени околу 500 милиони денари од вкупните пари предвидени за образование и наука. За основно образование ќе бидат издвоени околу 1 милијарда денари (1.036.212.000), што е за 65,3 милиони денари повеќе од лани.
За средно образование буџетот годинава предвидува 846.395.000 денари, за разлика од лани кога биле издвоени 757.097.000 денари.

За високото образование се предвидени околу 6,4 милијарди денари (6.449.173.000). Ова е малку повеќе од лани, кога беа предвидени 6.411.383.000 денари.
Најмногу пари или околу 3,4 милијарди денари се резервирани за најголемиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. УКИМ ќе добие 16,6 милиони денари повеќе од лани. Всушност, зголемен е буџетот кај сите државни универзитети, освен кај Универзитетот за информатички технологии од Охрид, кој за разлика од лани сега има 28,8 милиони денари помалку.



Помалку пари во годинешниот буџет се планирани и за ученички и за студентски стандард. За ученички стандард годинава се обезбедени 362,8 милиона денари, а лани имало околу 411,8 милиони денари. За студентскиот стандард годинава имаме 749,8 милиони денари, за разлика од лани - 858,4 милиони денари.
За наука во годинешниот буџет се планирани околу 415,6 милиони денари.

Ќе се градат спортски сали во основните училишта

Значително повеќе пари годинава има за вкупните инвестиции во образованието. За оваа намена се издвоени околу 1 милијарда денари (1.029.097.000), што е за околу 130 милиони денари повеќе од лани. За разлика од минатата година, помалку пари се планирани за изградба и реконструкција на студентски домови и изградба на средни училишта. Најголемо зголемување на средства има во ставката изградба на училишни спортски сали во основните училишта, каде што буџетот е дуплиран и изнесува 414 милиони денари.



Повеќе од половина од буџетот на МОН е предвиден за ставката децентрализација (пренесување на надлежностите на единиците на локалната самоуправа), односно за општините под чија надлежност се училиштата. Годинава за општините се наменети околу 14,4 милијарди денари, што е за околу 770 милиони денари повеќе од ланскиот буџет.

За интеграција во Европската Унија годинава се издвоени 311 милиони денари, за разлика од ланските 222 милиона.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска/ vesna.ivanovska@fakulteti.mk/ Милена Атанасоска-Манасиева/milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема