X
 21.02.2019 Економија

Директорот на најголемата словенечка банка бара плата од 500.000 евра

Директорот на најголемата словенечка банка побара од управата тројно зголемување на платата, а како оправдување за неговото барање наведе дека банката веќе не е во целосна сопственост на државата.

Имено, директорот на Нова љубљанска банка, 45-годишниот Блаж Бродњак, кој на таа позиција е од 2016 година, побарал од банката (која по ланската приватизација е во мнозинска сопственост на странски фондови, а државата во неа сè уште има 35-отстотен удел) неговата годишна бруто-плата да му се зголеми од сегашните 160.000 евра на 500.000 евра. Управата и сопствениците сè уште не донеле одлука по барањето бидејќи чекаат резултати од компаративната анализа за платите во словенечкото банкарство, наведуваат регионалните медиуми.

Бродњак во барањето се повикува на фактот дека за платите во таа банка веќе не може да се применува посебен закон од 2010 година со кој се воведени рестрикции, односно лимити за најголемите плати на водечкиот кадар во државните банки и дека банката под негово водство во последните неколку години остварува големи добивки.

Освен тоа, тој тврди дека некои помали банки во приватна сопственост, па дури и станбено-кредитните здруженија и штедилници кои работат во Словенија имаат луѓе на раководни позиции кои се подобро платени од него и неговите колеги во најголемата словенечка банка. Управата на банката ќе одлучи што ќе прави откако ќе ја добие на увид посебно нарачаната анализа за размерите на платите во банкарските и сличните установи.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија