X
 21.02.2020 Наука

Археолози ја откриле гробницата на Ромул?

Италијански археолози наскоро би требало да претстават „неверојатно откритие“, подземно светилиште од шестиот век пред новата ера кое би можело да биде гробница на митскиот основач на градот Рим и првиот римски крал Ромул.

Според легендата, Ромул го основал Рим со неговиот брат Рем на 21 април 753 година пр.н.е. Подоцна го убил братот и станал првиот римски владетел.

Светилиштето е сочинето од камен саркофаг долг 1,4 метар и кружна градежна структура, за која се претпоставува дека била олтар, стои во соопштението на археолошкиот парк Колосеум.

Локацијата на светилиштето сместено во римскиот Форум се совпаѓа со местото на кое, според древните записи, е закопан Ромул, стои во соопштението, во кое се додава и дека станува збор за неверојатно откритие.

Римска митологија

Историчарите долго време се поделени околу тоа дали браќата, кои според легендата се одгледани од волчица, воопшто постоеле, но и доколку било така, каде би можело да биде закопано телото на Ромул, кого наводно по смртта го распарчиле гневните сенатори.

Римскиот форум бил срцето на Римското Царство и историски извори упатуваат на тоа дека Ромул е закопан некаде во тоа подрачје.

Во светилиштето не се пронајдени коски, но археолозите најавуваат дека имаат други знаци што упатуваат на тоа дека би можело да станува збор за првиот римски владетел.

Во историјата на Рим периодот на владеењето на Ромул се заснова на римската митологија и не може да се смета за веродостојно. Тој период е познат како период на владеењето на седум римски кралеви.

Ромул, кого го направиле популарен историчари и писатели како Ливиј, Овидиј и Плутарх, според легендата, заорал бразда во подножјето на Палатин за да означи каде ќе бидат ѕидините на идниот град.

Политички зачетник на градот

Кога Рем го прескокнал ѕидот за да му покаже на брата си колку ќе биде неефикасен, лутиот Ромул го убил и рекол дека така ќе заврши секој што ќе се осмели да ги премине римските ѕидини, вели легендата.

На Палатин, Ромул ги основал Сенатот и првата легија. Тој со Рим владеел 40 години. Не е јасно како починал. Според една верзија, мистериозно исчезнал во бура, додека според друга го убиле и го распарчиле римски сенатори.

- Дали Ромул постоел или не, не е важно. Важно е дека старите Римјани неговиот лик го сметале за политички зачетник на градот - истакна италијанскиот археолог Паоло Карафа.

Извор: Aljazeera
Насловна фотографија: Wikipedia
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука