X
 21.02.2020 Живот

Епидемијата на коронавирусот има неочекуван ефект врз животната средина

Епидемијата на коронавирусот, која ја парализира кинеската економија, може да има позитивен ефект врз животната средина.

Емисиите на јаглерод во Кина се намалиле за најмалку 100 милиони метрички тони во текот на изминатите две недели, се наведува во студија објавена од страна на Центарот за истражување на енергијата и чистиот воздух (ЦРЕА) во Финска.

Тоа е речиси 6 отсто од глобалните емисии од истиот период минатата година.

Брзото ширење на новиот коронавирус - кој уби повеќе од 2.000 лица, а заразени се повеќе од 74.000 - доведе до опаѓање на побарувачката на јаглен и нафта, што резултира со нагло опаѓање на емисиите, се наведува во студијата.

Во текот на изминатите две недели дневното производство на енергија во електраните на јаглен било на најниско ниво во последните четири години, додека производството на челик е на најниско ниво во последните пет години, утврдиле истражувачите.

Кина е најголемиот увезувач и потрошувач на нафта во светот, но производството во рафинериите во провинцијата Шандунг - центарот за петролеј на Кина - опаднало на најниско ниво од есента 2015 година.

Економската активност во Кина обично достигнува врв по празнувањето на Кинеската Нова година, кое започна на 25 јануари. Но, властите годинава ги продолжија одморите за околу една недела во обид да го запрат ширењето на епидемијата така што ќе ги држат луѓето дома.

- Мерките за запирање на коронавирусот резултираа со редукции од 15 до 40 отсто во производството во клучните индустриски сектори - се наведува во извештајот.

Ова веројатно збришало четвртина или повеќе од емисиите на јаглероден диоксид на земјата во текот на изминатите две недели, периодот кога активноста обично продолжува по празникот.

Но, екологистите предупредија дека редукцијата е привремена и дека владиниот стимуланс (доколку има таков за зголемување на производството меѓу тешките загадувачи) може да ги анулира еколошките придобивки.

- Кога ќе се смири коронавирусот, многу е веројатно да видиме таканаречено „одмаздничко загадување“ - фабрики кои го максимираат производството за да искомпензираат за загубите од периодот кога биле затворени. Тоа е тестирана и докажана шема - истакна Ли Шуо од Гринпис - Кина.

Во меѓувреме, емисиите на азот диоксид во Кина - кој е нуспроизвод од согорувањето фосилни горива во возилата и електраните - опадна за 36 отсто во текот на неделата по празнувањето на Кинеската Нова година, во споредба со истиот период пред една година, се наведува во друга студија на ЦРЕА за чија изработка биле користени податоци од сателити.

Извор: Science Alert
Насловна фотографија: Wikipedia
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот