X
 21.02.2021 Наша тема

Кога да вежбате по Ковид-19, состојбата на Преспанското Езеро, знаковно кафуле, успешни Македонци... Што истражувавме неделава?

Во случај да пропуштивте...
Ви нудиме краток преглед на авторските теми што ги објавивме неделава:

Партизацијата на образованието е традиција, а партиски избор на директори е „нормално“. Ќе ги промениме ли тоа со реформите? Партизацијата во образованието ја задушува креативноста, го оневозможува критичкото размислување и ги ограничува автономијата на наставникот и неговиот углед, сметаат практичарите.

Кога може да почнете да вежбате и да спортувате по прележан Ковид-19, објаснуваат д-р Лидија Попоска и д-р Гордана Буцевска-Атанасова: Голем број од луѓето што се соочија со Кодив-19 извесно време по оздравувањето одложуваат да почнат со физичка активност поради страв од последиците што ги носи оваа вирусна инфекција.

Кларинетистот Благој Ламњов во Шведска ги спои велешката чалгија и класичната музика: Поезијата на Рацин ми ја разбуди креативноста:
Музичарот, кој повеќе од 15 години живее и твори во Шведска, во своето дело успеа да ги спои македонскиот фолклор, чалгијата и изворните инструменти со модерниот звук користејќи ја германската класична музика и класичниот тон на кларинетот, кој го привлече уште на четиригодишна возраст.

Иако февруарските врнежи малку го освежија, Преспанското Езеро сѐ уште се бори за живот: Преспанското Езеро се соочува со сериозна еколошка катастрофа. Веќе подолг временски период е во критична состојба. Се подготвуваат анализи за нивото на водата, за животот во езерото, студии за ревалоризација, стратегии за спасување, сѐ што би му овозможило оживување и вештачко дишење.

Советници ќе обучат 3.000 наставници од јуни до септември. Ќе бидат ли квалитетно обучени за да можат да предаваат по ново?
Дали е возможно квалитетно да се обучат наставниците за еден целосно нов концепт на образование, на кој ќе треба да се приспособат и да го применуваат од 1 септември? Ова е едно од главните прашања на кои Факултети.мк побара одговори од практичари, кои со години се дел од образовниот систем и добро ги знаат условите.

Томи Салковски, продуцент и на наградуваниот „Улиште“: Имаме капацитет за создавање филмски дела по светски вкус: Светла и позитивна, ваква иднина му посакува на македонскиот филм продуцентот и кинематографер Томи Салковски, кој додава дека на сцена се дојдени нови, свежи филмски автори, кои се тотално ослободени од балканскиот или источноевропскиот филмски манир, кои работат искрено и агресивно и раскажуваат приказни што се блиски до публиката и лесни за гледање на сите страни на светот.


Најмладиот добитник на „Браќа Миладиновци“: Поетесата и пијанистка Ива Дамјановски во пандемија имаше најголем креативен бум: Љубовта кон поезијата мислам дека ја имам наследено од мајка ми, а имав и огромна поддршка од професорката по македонски јазик во средно училиште, Роза Никодиновска. Од неа навистина многу научив за пишувањето, вели Ива

Се нарачува кафе со знаковен јазик, покажувајќи со прст, се чита од усни... Радмила и Мартин сакаат да покажат дека и глувите лица се способни: Радмила Периќ и Мартин Ангелов раскажуваат инспиративна приказна. Веќе една година успешно раководат со првото знаковно кафуле. Глувоста не им е пречка да го остварат сонот, туку предизвик да покажат дека промените ги правиме сами, без себеограничување.


Издвојуваме

Наша тема