X
 21.02.2022 Живот

Илон Маск, Бил Гејтс и науката се согласуваат: Навистина учиме од нашите грешки

Кога работев во фабрика за производство на книги, техничар за претпечатење ненамерно остави мало парче лента на лист филм пред да биде изложена плочата за печатење.

Случајно ја слушнав дискусијата меѓу двајца менаџери.

- Ќе го отпуштиш, така? - му рече едниот менаџер на другиот.

- Не. Тоа би било губење на лекција вредна 100.000 долари што вработениот штотуку ја научи - рече другиот.

Ако ги прашате, повеќето луѓе веројатно ќе кажат дека повеќе учат од нивните грешки. И додека одговорот на менаџерот звучи како лидерство, науката се согласува. Според истражување од 2016 година објавено во „Ануал ревју оф псајколоџи“, колку е поголема грешката што ја правиме и колку повеќе сме сигурни дека сме во право, толку е поголема веројатноста да научиме.

- Интересно, корисните ефекти се особено изразени кога поединците веруваат дека она за кое згрешиле е точно - пишува истражувањето.

Грешките направени со голема самодоверба полесно се поправаат отколку грешките направени со ниска самодоверба. Тој исход делумно се должи на фактот дека грешката што сте ја направиле, сама по себе, повеќе се памети.

Токму затоа, најдобриот начин за учење не е повторното читање; најдобриот начин за учење е правењето квиз. Ако се тестирате и одговорите погрешно, не само што е поголема веројатноста да го запомните вистинскиот одговор откако ќе погледнете, туку и ќе запомните дека не сте одговориле точно.

Накратко, сеќавањето дека не сте одговориле точно ви помага да ја зајакнете лекцијата.

Истото важи и за размислувањето за процесот на размислување, процес што психолозите го нарекуваат метакогниција. Кога станува збор за грешките, тоа значи дека се земаат предвид дејствата што довеле до грешка.

Како што вели Илон Маск: - Разликата во успешен стартап и неуспешен стартап е препознавањето грешки и нивно поправање за брзо време, додека неуспешниот ќе се обидува да ги избегне грешките.

Или според Бил Гејтс: - Откако ќе ги прифатите непријатните вести не како нешто негативно, туку како доказ дека е потребна промена, не сте поразени. Вие учите од тоа. Сето ова е поврзано со тоа како им пристапувате на неуспесите.

Затоа е поголема веројатноста сите да научиме кога ни се дава можност да правиме повремени грешки, а потоа охрабрени да размислуваме не само да ја избегнеме истата грешка во иднина, туку и да размислиме што нè натерало да ја направиме.

Она што е важно е како реагираме и дали учиме кога неизбежно грешиме.

Автор: Џеф Хејден
Извор: Inc.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот