X
 21.05.2021 Здравје

Зошто расте бројот на новозаболени од ковид-19 во земјата со најмногу вакцинирани жители?

Малата островска земја Сејшели, која се наоѓа во Индискиот Океан, беше позната како земја со најголем процент на вакцинирани жители против ковид-19. Околу 71% од жителите примиле барем една доза, а 62% целосно се вакцинирани. Од нив 57% ја примиле вакцината на „Синофарм“, а 43% на „Астра зенека“.

Сепак, од неодамна се забележува пораст на бројот на новозаразени лица. Дури 37% од новозаразените и 20% од заразените што биле хоспитализирани биле вакцинирани. Земјата требало да воведе нови мерки за да го спречи ширењето на коронавирусот. Како се случило ова?

Има неколку можни објаснувања, пишува експертот Си Рејна Макинтајр за „Конверзејшн“. Можеби во земјата не се постигнал колективен имунитет, што можеби е резултат од недоволната ефикасност на искористените вакцини. Ситуацијата можеби е предизвикана и од ширење на соеви за кои вакцините не се доволно ефикасни, како индискиот сој кој се чини дека се пренесува побрзо од другите. Причина за можната неефикасност на вакцините може да биде и несоодветното пренесување и чување на вакцините.


Фото: Freepik

На Сејлеши било потврдено дека се шири јужноафриканскиот сој на коронавирусот, а вакцините имаат најмала ефикасност на овој сој. Едно истражување покажало дека „Астра зенека“ има ефикасност до 10% против овој сој, па затоа јужноафриканската влада престанала да ја користи оваа вакцина во февруари.

Не се знае колкава е ефикасноста на кинеската вакцина против овој сој, но според некои лабораториски истражувања, таа е помалку ефикасна, иако веројатно нуди некаква заштита.

Сејшели треба да спроведе истражувања за да види кој сој е доминантен во земјата и дали е присутен индискиот сој. Потоа треба да се користи вакцината што е најефикасна.


Фото: Freepik

Ефикасноста на кинеската вакцина од „Синофарм“ е 79%, а онаа на „Астра зенека“ е 62-70% според податоците од клиничките испитувања на вакцините. Според едно истражување спроведено во Австралија, би требало да се вакцинираат 66% од населението со вакцина со ефикасност од 90% за да се постигне колективен имунитет. Доколку вакцината е ефикасна околу 60%, треба да се вакцинира целото население за да се добие колективен имунитет.

Овие пресметки се направени врз основа на сој што бил доминантен минатата година, но некои нови соеви се многу поопасни бидејќи нивното пренесување е полесно. Заразено лице со сојот Д614Г, кој доминирал минатата година, просечно заразува 2,5 други лица. Во случајот со британскиот сој Б117, заразено лице го пренесува коронавирусот на 4,75 луѓе, а заразено лице со индискиот сој Б1617 заразува уште 7 лица.

Сето ова ја објаснува катастрофалната ситуација во Индија, но бара и поголем залог на државите за снабдување со соодветни вакцини. Според процена од британски научници, вакцините со ниска ефикасност ќе го спречат закрепнувањето на економијата во следните десет години.

Автор: Си Рејна Макинтајр
Извор: theconversation.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје