X
 21.07.2017 Култура

„Гугл“ плаќа научници за да го претставуваат во добро светло?

Дневниот весник „Тајмс“ пишувал пред неколку години дека „Гугл“ во текот на последните десет години финансирал стотици студии; десетици професори добиле огромни суми за своите истражувања. „Волстрист журнал“ известил дека тие износи надминувале 400.000 долари по студија, како и тоа дека плаќањето требало да остане во тајност. Според пишувањето на споменатите весници, менаџерите за односи со јавноста на „Гугл“ составувале листи со теми за кои сакале да добијат студии. Тие дури им давале наслови на студиите и инструкции како да бидат напишани нивните заклучоци. Предложувале и цени, односно висина на хонорарите, и воспоставувале контакти заради преговори со одредени професори.

Камуфлирани лобисти


Професорите што ги прифаќале договорите, со своите истражувања покажувале дека собирањето податоци за корисниците од страна на „Гугл“ е фер постапка, меѓу другото и затоа што таа услуга не ги чини ништо корисниците. „Гугл“ им плаќал и патни трошоци на професорите од елитните универзитети како „Харвард“ и „Беркли“ за состаноци со одлучувачите и лобистите. Резултатите од студиите „Гугл“ ги користел во борба против обвинувањата за монополистичко однесување на пазарот.

Од извештајот на „Волстрит журнал“ може да се заклучи дека професорите од универзитетите работеле како камуфлирани лобисти чија задача била да влијаат врз државните одлуки во корист на „Гугл“. Самиот „Гугл“ пренесува дека откако е основан, одржува тесни врски со универзитетите и истражувачките институти: „Со задоволство ги поддржуваме академските истражувачи кога станува збор за компјутерските науки и политичките теми, како што се авторското право, слободата на говор и надзор, и ги поддржуваме гласовите кои се залагаат за принципите на отворениот интернет“, изјавил еден претставник на „Гугл“ за „Волстрит журнал“.

Руперт Мардок со своја улога


Научниците, кои по дефиниција би требало да работат независно, не негодувале нивните студии да бидат ставени на увид на „Гугл“ пред објавувањето, за да може „Гугл“ да им даде уште некои „предлози“... „Волстрит журнал“ стигнал до електронската комуникација помеѓу некои професори и „Гугл“. Во своите податоци за истражувањата, професорите главно не наведувале дека биле финансирани од оваа компанија.

Откритијата на „Волстрит журнал“ се дел од борбата против „Гугл“ што ја води Руперт Мардок, медиумскиот магнат и сопственик на „Њуз корпорејшн“, каде што од 2007 година припаѓа и „Волстрит журнал“. Мардок веќе поднел тужби против „Гугл“ до Европската комисија; барал „Гугл“ да плаќа за автоматски произведен исечок од интернет-страниците што се гледаат при пребарувањето, а во спор се и поради разни други прашања, на пример, околу тоа на кои интернет-портали смеат да се појавуваат реклами, итн.

Нема „светци“?

Од 2009, „Гугл“ финансирал околу 100 студии со политички теми, а уште 100 студии потекнуваат од автори кои директно или индиректно добиле пари од „Гугл“, но не сакале да го откријат тоа. Со тоа „Гугл“ им се придружи на компаниите што долго време плаќаат научници и истражувачи за студии кои ги потпомагаат нивните бизнис-интереси. И „Мајкрософт“, „Квалком“ и „Верајзон“, исто така, финансирале студии што биле многу критички настроени кон „Гугл“. 
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура