X
 21.08.2018 Култура

Тајванско село каде што желбите го осветлуваат небото навечер

Секоја година илјадници луѓе патуваат во селото Пингси заради годишниот фестивал наречен „Фенер“, каде што луѓето ги запишуваат своите желби на хартиени фенери и ги пуштаат на небото со надеж дека нивните предци ќе одговорат на нивните молитви.

- Тоа е традиција што треба да ја направите барем еднаш во животот - вели локалниот туристички водич Ванг Чау-Џинг.

Според легендата, во периодот на трите кралства, кинескиот државник Зуге Лианг, познат и како Конгминг, ги создал фенерите за да испраќа воени сигнали. Бидејќи нивната форма потсетувала на шапка, тие биле наречени „фенерите на Конгминг“.

Практиката на пуштање на фенерите за осветлување на небото се зголемила во средината на 19 век кога бандитите често ги опустошувале градовите.

- Фенерите биле користени како сигнали за селаните да им кажат на своите семејства дека се живи и здрави, но сега тие ги носат желбите и надежите на луѓето за новата година - вели Али Су од владината дивизија за планирање на туризмот на градот Тајпеј.

1
Фото: CNN


- Со текот на времето фестивалот на фенерите добил репутација како најсветлиот, најсреќниот и највозбудливиот настан во Тајван - додава таа, и нема да го најдете на друго место.

Фестивалот се одвива на последниот ден од лунарната Нова година. Во 2019 година ќе падне на 19 февруари. Фестивалот се одржува околу 100 години, а од 1999 година новата тајпејска влада стана домаќин на фестивалот.

Но во секое време можете да испратите фенер на небото. Улиците во Пингси се полни со продавници за фенери, секоја со различни понуди. Процесот на избирање фенер е забавен, а традицијата вели дека треба да си ги запишете желбите со кинеско калиграфичко пенкало. Можете да изберете фенери во различни бои и нијанси што значат различни работи - од големо богатство и слава до брачна среќа. Исто така, постојат и фенери во различна форма, како животни, вклучувајќи мачки, мајмуни и панди.

- Не треба само да го пуштите фенерот. Овој чин има одреден ритуал и значење - вели Ванг.

2
Фото: CNN


Фенерот е ограничен на 60 сантиметри во обем. За поголем е потребна дозвола, вели Ванг, поранешен претседател на трговската асоцијација во Пингси и сопственик на „Минг Тонг“, локално кафуле и продавница за сувенири.

За да се спречи планините да се наполнат со фенери, постои програма за рециклирање. Жителите можат да ги заменат употребените фенери во продавници за предмети како тоалетна хартија и детергент. Исто така, Ванг организира искачувања за локалното население да ги собере фенерите што паднале на планината.

Ако денот е дождлив, постојат и други опции. За еден долар посетителите можат да ја запишат желбата на парче бамбус, обесен на оградата во селото. Постои и дигитална опција за фенерите, најеколошки избор. За помалку од 5 долари, сѐ што е потребно да направите е да ја напишете или нацртате вашата желба на разгледница. Потоа, таа дигитално се пали на ЛЕД-фенер надвор од локалната полициска станица. Овој дигитален фенер е составен од 200.000 ЛЕД-светилки.

3
Фото: CNN


Но Пингси нуди многу повеќе освен желбите испратени на небото. Пингси на мандарински значи „мирен поток“, а далечното ридско село има ваква атмосфера. Порано било рударско село, така што може да ве транспортира назад во период кога животот се одвивал побавно.

- Се вратив дома за да го подмладам телото, да вдишам чист воздух и да оздравам - вели 54-годишниот Мартин Јен, кој работел во кинеската компјутерска индустрија пред да се врати во Пингси.

4
Фото: CNN

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура