X
 21.08.2020 Образование

Како ќе изгледа еден училиштен ден? МОН нема да инвестира во техника за онлајн-наставата, школите да се погрижат за тоа

За учениците од прво до трето одделение, на почетокот на учебната година родителот треба да се изјасни дали детето ќе посетува физички настава или ќе следи настава од далечина, објаснуваат од МОН

Родители на ученици од основно и од средно образование се со многу прашалници откако Министерството за образование и наука вчера соопшти дека наставата ќе се одвива онлајн, освен за учениците од прво до трето одделение и во местата каде што поради добра епидемиолошка ситуација родителите ќе изберат да се реализира физичка настава. Протоколот за однесување на учениците што ќе посетуваат училиште е готов, велат од Комисијата за заразни болести, но Владата треба да го усвои претходно.

Како ќе се реализира настава во основните и во средните училишта? Се обидовме да добиеме одговори од ресорното министерство. 

Повеќе нема да се случува само по е-пошта учениците да добиваат материјали за учење, па да му ги враќаат на наставникот. Наставниците задолжително мора да бидат присутни во училница. Учениците ќе имаат претходно објавен распоред на часови.

 

 

- Во моделот настава со физичко присуство наставникот ќе биде присутен во училницата и ќе го предава материјалот непосредно пред учениците чии родители одлучиле тие да посетуваат настава со физичко присуство. Доколку во паралелката одредени родители побараат учениците да следат онлајн-настава, часот ќе се пренесува во живо за сите нив (ученици што следат настава од дома) или, пак, доколку можностите не дозволуваат стриминг во живо, часот ќе се снима и потоа ќе проследи до сите останати ученици преку апликациите што се користеа и во изминатата учебна година или ќе му се достават печатени материјали на секој ученик одделно. Исто така, наставникот може да одбере веќе снимен час на соодветната тема поставен на „Едуино“ - велат од МОН.

Надлежните објаснуваат дека наставничкиот совет на секое училиште ќе одлучува која платформа ќе се применува и таа ќе биде задолжителна за сите наставници во едно училиште.


- Далечинското учење ќе продолжи да се реализира преку примена на електронски средства за двонасочна комуникација, како и „Едуино“, која сега е надградена и збогатена со многу повеќе содржини од претходно. Сепак, наставничкиот совет одлучува која платформа ќе се применува и таа ќе биде задолжителна за сите наставници во едно училиште - велат од МОН.

Во однос на техничката реализација на часовите, задолжени ќе бидат училиштата. Наставниците ќе ја реализираат наставата со службените лаптопи, а ако има потреба некаде, ќе инвестира училиштето. МОН не планира капитална инвестиција за техничка опременост на училниците. 

- Дополнително, потенцираме дека има размислувања и за подготовка на целосно нова платформа, поразлична од „Едуино“ - завршуваат од МОН.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска/srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование