X
 21.10.2019 Живот

Електрана врз која можете да скијате додека под вас гори отпад

Во Данска нема брда и планини. Баш затоа имавме идеја да направиме вештачка планина за алпско скијање, вели данскиот архитект Бјарке Ингелс за Би-би-си.

Неговата компанија „Бјарке Ингелс груп“ стои зад дизајнот на нова вештачка ски-патека во данската престолнина Копенхаген, изградена на огромна печка во која се гори отпад за да се создаде топлина и електрична енергија.

- Електраната не мора да биде грда кутија што го блокира видикот и фрла сенка врз околината. Наместо тоа, таа може да стане најпопуларен парк во градот - тврди Ингелс.

„Амагер Баке“ се смета за една од најчистите електрани што работат на отпад во светот. Таа била отворена во 2017 година, а сега за јавноста е отворена и скијачката област. Проектот се градел речиси една деценија и изградбата чинела 550 милиони евра.

„Баке“ на дански значи рид. За земја чиј највисок врв е 170 метри, новиот врв од 85 метри стана симбол и поттикна дебата за тоа кој е најдобриот начин за справување со отпадот во градот.

- Имаше многу градежни предизвици - вели Кристијан Ингелс, генерален менаџер на „Копенхил“.

Покривот е закупен од неговата компанија, која раководи со рекреативната област. Биле преземени и дополнителни мерки на претпазливост пред на јавноста да ѝ биде дозволено да скија над печката.

Фото: BBC

Патеката е долга 450 метри, а годишно се очекуваат од 50 до 60 илјади скијачи.

На луѓето што живеат во близина им се допаѓа проектот. Велат дека не ни помислуваат дека тоа е отпад и дека не многу луѓе имаат можност да одат на скијање во соседството.

Со електраната управува компанијата за менаџмент со отпад „Амагер рисорс сентр“ (АРЦ), а таа е во сопствеништво на пет локални општини. До 300 камиони отпад пристигнуваат во електраната секој ден. Две огромни печки го горат отпадот на температура од околу 1.000 степени.

- Во овие сводови доаѓа вода. Ние ја зовриваме и создаваме пареа - вели инженерот Петер Блинксбјерг.

Турбина и генератор произведуваат електрична енергија која оди во мрежата. Вишокот енергија од пареата се користи за загревање на 72.000 домови преку систем наречен областно загревање, што е често во Данска.

Фото: BBC

На електраната се поставени напредни филтри и од АРЦ велат поради тие филтри, овој објект е почист од другите. Честичките и загадувачите од чадот се отстранети и процесот наречен селективна каталитичка редукција го разделува штетниот азот оксид на азот и водена пареа.

- Сум слушнал за само уште една електрана во светот со ваков вид каталитичка редукција на азот оксид - вели Блинксбјерг.

Резултирачкиот гас се испушта преку огромен оџак на покривот.

- Излегува азот, кој исто така го има во воздухот, има малку вишок кислород, малку водена пареа и јаглероден диоксид - додава Блинксбјерг.

Но, не е сѐ така идеално. Главните критики се дека електраната е преголема и дека нема доволно локален отпад за да се нахранат печките. Затоа АРЦ увезува отпад. До 2024 година се предвидува дека речиси половина од материјалот што ќе се гори ќе биде увезен и биомаса. Блинксбјерг вели дека е поеколошки да се гори странски отпад отколку да се фрли во депонија. Тој вели дека емисиите од горењето се пониски и дека со увезувањето отпад се намалува ефектот на стаклена градина.

Во Европа, нордиските земји (освен Исланд) имаат највисок сооднос на отпад искористен за генерирање електрична енергија, што резултира со мала употреба на депонии.

ЕУ постави таргети за земјите да рециклираат 65 отсто од општинскиот отпад и да го намалат бројот на депонии за 10 отсто до 2035 година.

Сето ова го наметнува прашањето дали и другите земји треба да го следат чекорот на Данска.

Горењето отпад резултира со емисии на јаглероден диоксид, но се смета дека метанот емитиран од депониите има многу поголем ефект на стаклена градина отколку истата количина на јаглероден диоксид. Исто така, ова носи приходи бидејќи веројатно е единственото гориво за кое луѓето би платиле да се изгори.

Сепак, како извор на енергија, оваа опција и не е многу ефикасна. Според експертите, ова е нешто што има околу третина енергетска содржина во споредба со дрвото, а значително помалку во споредба со фосилните горива. Затоа би морало да се изгорат многу работи за да се создаде многу енергија.

Еколошките групи не ги сакаат печките. Тие се за поголема превенција, повеќекратно користење и рециклирање.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот