X
 21.10.2020 Здравје

Главните разлики помеѓу нетолеранцијата на храна и алергиите

Луѓето често ги користат термините нетолеранција на храна и алергија на храна како синоними, но тоа не е точно. Едната состојба може да предизвика чувство на непријатност, а другата може да биде опасна за живот.

Доколку сте нетолерантни на одредена храна, тоа значи дека ги немате соодветните ензими потребни за разградување на компонентите или сте чувствителни на одредени адитиви или конзерванси. Главната работа поврзана со нетолеранцијата на храна е тоа што таа е поврзана со дигестивниот систем, а не со имунолошкиот. Од друга страна, алергијата на храна се појавува кога имунолошкиот систем препознава одреден протеин во храната како непријател и го напаѓа.


Фото: Pixabay

При нетолеранција на храна мало количество од храната не мора да предизвика непријатност, додека кај алергијата дури и мало количество може да предизвика алергиска реакција која може да биде фатална. Двете состојби може да се појават од најрана возраст.

Како да препознаете алергиска реакција?

Сите алергии не се опасни. Некои може да предизвикаат чешање или други кожни реакции, но во екстремни случаи може да предизвикаат болка во стомакот, повраќање, вртоглавица и отоци. Во случаи на тешки алергии може да има стегање на дишните патишта, намалување на крвниот притисок и губење на свеста.


Фото: Pixabay

Како да препознаете нетолеранција на храна?

Нетолеранцијата на храна предизвикува непријатни симптоми, но не до тие екстреми како алергиите. Проблемот е насочен кон дигестивниот систем, па затоа може да се почувствува надуеност или болка во стомакот, а во некои случаи може да се добие мигрена, кашлица, течење на носот или чешање. Генерално, симптомите на нетолеранција на храна се појавуваат подоцна во споредба со симптомите на алергиите.

Автор: Џеф Хејвард
Извор: activebeat.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје