X
 21.11.2017 Наука

Подобрете го здравјето со јапонската метода - „шумско бањање“

Понекогаш на сите ни е потребен свеж шумски воздух. Јапонската практика наречена „шинрин – јоку“ или јапонско шумско бањање е научно докажана метода за намалување на стресот и за зајакнување на имунолошкиот систем. Терапевтските ефекти од оваа метода се презентираат уште од 1982 година, но фактот дека на човекот му е потребно да поминува време во природа се тврди веќе со векови.

Потонувањето во природата, преку сите 5 сетила, е она што ја прави оваа метода ефикасна. Инспирирана е од будистички практики и стари шинто-методи. Во 1982 година дури станува и применувана терапија во Јапонија. Идејата е едноставно да се релаксирате и да уживате во убавините што ги нуди природата. Не се мисли на авантуристичко истражување, само на набљудување на природата што ве опкружува.

Јапонската влада вложила 4 милиони долари во истражување на оваа метода, па креирала и локации за шумска терапија. Кога посетителите доаѓаат на локациите, ренџери собираат податоци, како на пример, мерење на крвниот притисок. Во студија од 2009 година се истражувало каква е состојбата на посетителите пред да влезат и откако ќе излезат од локациите за шумска терапија. Се открило дека се зголемува бројот на бели крвни зрнца, кои се поврзани со имунолошкиот систем. Во друга студија, пак, се пронајдени слични резултати и тоа само по 30-минутна посета.

Не треба да се занемарат и психолошките ефекти, како намалувањето на стресот и на симптомите за депресија, како и зголемување на волјата, мотивацијата и желбата за живот. Зеленилото и природните убавини несомнено дека помагаат за подобрување на општата состојба на човекот.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука