X
 21.11.2022 Наша тема

Стефан Бужаровски десет години е професор на Универзитетот во Манчестер: „Инсистирам студентите самостојно да учат и да работат“

Ако има еден принцип што треба да се примени во високообразовниот систем во Македонија, тоа е дека истражувачката и наставната дејност на универзитетите треба да се директно поврзани со економскиот развој на градовите во кои тие се наоѓаат. Без доволни финансиски средства за истражувачка работа, универзитетите не можат да бидат катализатор за локален и национален економски раст, вели проф. Бужаровски

Би рекол дека токму истражувачката дејност е најсилниот елемент во тукашниот универзитетски сектор и клучно е тоа што е добро финансирана, има одлични ресурси и од професорите се очекува активна истражувачка работа, вели скопјанецот Стефан Бужаровски за Универзитетот во Манчестер, на кој работи како редовен професор од 2013 година.

Изминатите 10 години во Манчестер тој главно се занимава со истражувачка дејност бидејќи темите околу заштитата на животната средина, одржливиот развој и енергетските политики, кои патем му се главна дејност, се многу актуелни. Проф. Бужаровски и неговиот тим успеале да обезбедат финансирање за големи истражувачки проекти низ целиот свет, така што работат во Австралија, Кина, Јужна Кореја, Јужна Африка, Бразил, Северна Америка, Централна Азија и во повеќето европски земји. Тој раководи група од oсум докторанди и истражувачи кои се занимаваат со овие теми.

- Повеќе од 20 години интензивно вршам теренски истражувања и спроведувам проекти со колеги од целиот регион, и често престојувам во Скопје. Имам тесна соработка со многу организации од регионот, главно од невладиниот сектор. Ако има еден принцип што треба да се примени во високообразовниот систем во Македонија, тоа е дека истражувачката и наставната дејност на универзитетите треба да се директно поврзани со економскиот развој на градовите во кои тие се наоѓаат. Без доволни финансиски средства за истражувачка работа, универзитетите не можат да бидат катализатор за локален и национален економски раст. Притоа, многу е важен капацитетот на универзитетските библиотеки и пристапот до информатички ресурси во поширока смисла - додава проф. Бужаровски.

 

Најмногу од сѐ ме интересираше заштитата на животната средина

Проф. Бужаровски ги завршил додипломските студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет. Студиите ги завршил за 3 години со просек 9,61 користејќи ја можноста предвреме да полага испити. Притоа му помогнало тоа што летото пред да ја запише првата година, положил неколку испити во летниот семестар на државниот универзитет во Аризона.

- Географијата ја одбрав бидејќи е интегративна наука која ги спојува општествените, економските, политичките и, пред сѐ, еколошките прашања. Најмногу од сѐ ме интересираше заштитата на животната средина и како активист и како поле за студирање. Бев многу задоволен од студиите во Скопје. Професорите и колегите беа извонредни, а посебно би го одвоил проф. д-р Михаило Зиков, од кого научив многу за просторното планирање, како и покојниот проф. д-р Васа Даскаловски, кој ме насочи кон полето на урбаната географија. Исто така, многу соработував (и продолжувам да соработувам) со проф. д-р Стефанка Хаџи Пецова од Земјоделскиот факултет - врвна научничка со системски знаења во полето на еколошките политики, просторното управување и развој - вели проф. Бужаровски.

 

Бев во шок кога ми кажаа дека сум ја добил стипендијата

Во 1997 година, кога бил прва година, проф. Бужаровски бил избран за потпретседател на Федерацијата на млади европски екологисти со седиште во Брисел. Тој уште на почетокот на додипломските студии сакал постдипломските студии да ги продолжи во странство бидејќи тогаш во Македонија, но и во регионот, не постоеле специјализирани програми од областа на животната средина на втор или трет степен на студии.

- Запишав магистерски студии по еколошки менаџмент на Универзитетот во Оксфорд. „Менаџмент“ тука не е најдобар превод, станува збор за јавни политики и управување со животната средина. Имав голема желба да влезам во таа програма (беше доста позната во еколошките кругови) и бев многу среќен кога ме примија. Беше многу тешко да се обезбеди место бидејќи имаше голема конкуренција. Бројот беше ограничен на 30 студенти, а се пријавуваа кандидати од цел свет. Во Англија се преселив во 1999 година за да ги започнам студиите. Им пратив сѐ што имав, се сеќавам дека во пошта однесов еден голем пакет со документи и не бев сигурен што ќе се случи понатаму. Бев во шок кога ми кажаа дека сум ја добил стипендијата - се присетува проф. Бужаровски.

 

Две стипендии од Универзитетот во Оксфорд

Освен специфичноста на програмата која сакал да ја студирам, клучен фактор за проф. Бужаровски да ја одбере Англија бил тоа што таа земја е еден вид светски центар за географските и социо-еколошките науки. Англија има историски корени, поврзани, пред сѐ, со колонијалните освојувања и централната улога што географската наука ја имала во тој процес.

- Постдипломските студии беа дел од Факултетот за географија и животна средина, кој во иста форма постои и денес. За време на магистерските студии бев примен на докторски студии од областа на економската географија на истиот факултет и успеав да добијам уште две стипендии од Универзитетот во Оксфорд. Освен овие две квалификации, во 2007 завршив дополнителни педагошки магистерски студии на Универзитетот во Бирмингем, со специјализација за настава во високото образование. Голем број професори во Англија посетуваат вакви студии - ракажува проф. Бужаровски.

Како професори, многу инсистираме студентите самостојно да учат и да работат

Во однос на студентите во Британија, основната карактеристика е дека тие главно не живеат дома со родителите за време на студиите, туку сакаат да се преселат на друго место и да бидат независни. За нив, тоа е многу важен период на самоосознавање, на нови пријателства, забава и дружење.

- Додипломските студии во Англија најчесто се тригодишни, додека магистерските се едногодишни. Во Британија има многу високообразовни институции – во поширокиот урбан опфат на Манчестер, на пример, се вкупно 5. Студентскиот живот многу се разликува зависно од тоа на кој универзитет сте. На нашиот универзитет (Манчестер), кој можеби не е најрепрезентативен (бидејќи е трет најголем во земјата и се наоѓа во централното подрачје на милионски град) е како пчеларник со студенти од целиот свет, кои главно живеат во студентски домови во првата година од студиите, а понатаму се преселуваат во куќи и станови што ги делат со други студенти - објаснува проф. Бужаровски.

Целта на академскиот живот во Англија во голем дел се состои во обидите да се стекнат вештини и способности што ќе им овозможат на студентите независно и аналитички да размислуваат и да работат.

- Бројот на класични предавања во големи амфитеатри е доста мал и е главно на почетокот на студиите. Има многу повеќе семинари во мали групи, вежби, теренска настава и сл. Но, сепак, најважно е тоа што како професори, многу инсистираме студентите самостојно да учат и да работат надвор од предавањата, преку користење широк број релевантни извори и информации. Се разбира, не сите студенти се такви, ги има многу што работат кампањски, се подготвуваат само за испитите или семинарските задачи. Но оние студенти што имаат најголем успех, и во студиите и понатаму, се оние што активно размислуваат за материјалот што го учат и критички се ангажираат со тематиката на студиите - дообјаснува проф. Бужаровски.

фото: Приватна архива

Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Наша тема