X
 21.12.2018 Живот

Најстарото метро во Европа се користи и денес

Само еден метар под авенијата „Андраши“, која е под заштита на Унеско, минуваат жолти возови кои возат кон поголемата платформа на станицата Октогон.

Еден куп луѓе се подготвуваат да влезат додека стојат на поплочената станица пред да се слушне вревата од старите врати што се отвораат.

Иако лондонската подземна железница со парни возови е отворена во 1863 година, унгарската престолнина Будимпешта е градот каде што била направена првата електрична подземна железница на подрачјето на Европа. И по сто години дневно ја користат илјадници и илјадници жители и туристи.

- Тоа не е метро, тоа е подземна железница - вели Иболја, работник во музејот посветен на најстарата жолта линија М1.

Музејот всушност е споменик на златната доба на подземната железница во која може да се видат стари вагони на оригиналните шини. Уште пред сто години се знаело дека оваа нова иновативна пруга брзо морала да ги задоволи барањата на растечкиот град, па користејќи ги напредните градежнички техники, таа е отворена во краток рок од само 21 месец.

- Линијата два исто така има многу интересна историја. Постои таен бункер скриен недалеку од метро-станицата Кошут - вели еден работник во музејот.
Меѓу станиците Кошут и Деак Ференц, со скршнување од главната патека се оди во објектот Ф-4, односно бункер од 3.500 квадратни метри кој се наоѓа на 39 метри под земјата. Се верува дека е изграден во педесеттите години за време на изградбата на линијата М2 и поради страв на тогашниот премиер Матјаш Ракоши од нуклеарен напад. Во него може да собере 2.200 луѓе, а има и директен премин од унгарскиот парламент.

Политичарите планирале преку метрото да побегнат до железничката станица Келети и да ја напуштат Будимпешта во оклопно возило. За среќа, никогаш не се користело, но бил во приправност до седумдесеттите години. Неговото постоење станало познато за јавноста дури во деведесеттите, а сега во него се оди само за одржување или за многу ретки тури.


Иако голем дел од жителите на градот секој ден го користат метрото, многумина не ја знаат историјата.

Сината линија (М3) е отворена во 70-тите години и се протега 16 километри под Пешта, со што е најдолгата линија во градот. Иако ѝ недостига историскиот шарм на М1, сепак и таму може да се видат занимливости додека се менуваат линии.
За најмладата метро-линија во Будимпешта, М4 (зелената линија) се чекаше дури 40 години. Кога конечно почна изградбата во 2004 година, унгарските архитекти задолжени за развој на новите станици сакаа да го претстават модерниот дух на градот.

По борбата против корупцијата и големите спорови, линијата конечно е отворена во 2014 година. Иако беа потребни толку години за да се изгради, М4 денес е модерна временска капсула која прави Будимпешта постојано да биде во движење.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот