X
 22.01.2022 Здравје

Кои шеќери се добри, а кои треба да се одбегнуваат?

Има шеќери што се добри за здравјето, но и такви што треба да се одбегнуваат. Природните и вештачките шеќери различно влијаат врз здравјето на човекот, пишува „Еклиника“.

Многу докази укажуваат на тоа дека преголемото количество додаден шеќер го зголемува ризикот од висок крвен притисок, холестерол, воспаленија, инсулинска резистенција, гојазност, дијабетес тип 2, срцеви болести и други проблеми со здравјето. Но постои разлика помеѓу шеќерите во газираните сокови и оние во свежото овошје.

Природните шеќери се наоѓаат во целите, непреработени намирници, како фруктозата во бананата или лактозата во млекото. Ванеса Волтолина, клинички диететичар во „Вестчестер“, Њујорк, вели дека храната со природни шеќери најчесто е нискокалорична, содржи многу вода и има многу важни витамини и минерали.


Фото: Pixabay

- Влакната во плодовите ја намалуваат брзината со која вашето тело ја вари храната, па не добивате исто зголемување на шеќерот како по изедена крофна. Лактозата во млекото доаѓа со здрава порција протеин која обезбедува одржлива енергија, па подолго се чувствувате сити отколку по пиење пијалак полн со шеќер - вели Волтолина.

Од друга страна, додадениот шеќер што го има во слатките и газираните пијалаци може да предизвика зголемување на гликозата во крвта, а со текот на времето ова може да предизвика проблеми како гојазност, дијабетес тип 2 и срцеви болести, покажува истражување објавено во списанието „ЏАМА интернал медисин“.

За да се одбегнат овие ризици, во САД се препорачува ограничување на додадениот шеќер на помалку од 10 отсто од дневните калории. Американското здружение за срце (АХА) ги советува жените да консумираат најмногу 6 лажички додаден шеќер дневно (25 грама), а мажите треба да го ограничат внесувањето додаден шеќер на 9 лажички или помалку (36 грама).

Додадениот шеќер се крие во многу намирници што можеби се неочекувани, како преработена замрзната храна, храна за бебиња, сушено овошје, житарки и гранули, преливи за салата, кечап, сосови, јогурт со вкусови, протеински плочки и многу повеќе. Тој се наоѓа и во многу органски производи и многу производи што ќе ги најдете во продавница за здрава храна.


Фото: Pixabay

Кога станува збор за природните шеќери, се препорачува јадење 2 шолји овошје и најмалку 2,5 шолји зеленчук дневно за возрасните. Треба да се внесуваат 2-3 порции млечни производи дневно, со тоа што како една порција се сметаат една шолја немасно млеко или една шолја немасен јогурт. Иако млечните производи не се неопходни за здрава исхрана, тие може да бидат добар извор на калциум.

Пред да отворите пакетче со вештачки засладувач, треба да знаете дека научната заедница не се согласува околу тоа колку се тие безбедни. Истражувања покажале дека вештачките засладувачи може да ја зголемат желбата за шеќер и да го стимулираат апетитот. Истовремено, истражувања за стевијата покажуваат дека таа може да штити од некои видови рак.

Сепак, преглед на 35 истражувања на темата покажал дека замената за шеќер ретко доведува до корисни здравствени исходи. Некои испитаници изгубиле тежина, а други го подобриле нивото на гликоза во крвта, но генерално подобрувањата во телесната маса не биле значајни.

Извор: Eklinika
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје