X
 22.02.2021 Образование

Писмо од студенти и дипломирани на Институтот за родови студии и семејни студии до МТСП

Студенти и дипломирани на Институтот за родови студии и семејни студии бараат од Министерството за труд и социјална политика - МТСП да се вметне профилот семејнолог и стручњак по родова проблематика во членот 197 од Законот за социјална заштита и да им се издаде шифра според која дипломираните студенти ќе можат да се вработуваат

Писмото, кое ќе биде испратено и до Народниот правобранител, ви го пренесуваме во целост:

Почитувани,

Во Законот за социјална заштита, дипломираните семејнолози и стручњаци по родова проблематика се предвидени како кадри во установите за социјална заштита во член 194 (Стручните работи во установите за социјална заштита во зависност од видот на работата, ги вршат стручните работници: - со високо образование: дипломиран социјален работник, правник, дипломиран по јавна администрација/јавен менаџмент, психолог, педагог, дефектолог/специјален едукатор и рехабилитатор, социолог, економист, андрагог, логопед, лекар, специјален педагог за превенција ресоцијализација, здравствен работник, воспитувач, стручњак по родова проблематика, семејнолог).
Меѓутоа, направен е превид во Законот, па профилот семејнолог и профилот стручњак по родова проблематика отсуствуваат во членот 197 од Законот, којшто ги предвидува категориите на работни места на вработените во јавните установи за социјална заштита.
На овој начин директно се прекршуваат правата на дипломираните студенти (семејнолози) на Институтот за семејни студии и дипломираните студенти (стручњаци по родова проблематика) на Институтот за родови студии при Филозофскиот факултет – Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ да се вработуваат како стручни соработници во установите за социјална заштита во Република Северна Македонија.
Затоа, потребно е да се направи измена на Законот, со која ќе се дополни членот 197, односно (за вработените од ставот 1 на овој член се утврдуваат следниве категории на работни места:
-категорија А стручни (дипломиран социјален работник, психолог, андрагог, педагог, правник, економист, лекар, дефектолог, логопед, специјален педагог за превенција и ресоцијализација, социолог, здравствен работник, воспитувач и други)... да се додаде семејнолог и стручњак по родова проблематика во категорија А стручни.
-ниво А4 самостоен стручен службеник во јавните установи (правник, економист, дипломиран, дипломиран социјален работник, психолог, педагог, лекар, дефектолог, андрагог, логопед, лекар, специјален педагог за превенција и ресоцијализација, здравствен работник, воспитувач и социолог )... да се додаде семејнолог и стручњак по родова проблематика во ниво А4.
-ниво А5 стручен службеник во јавните установи (правник, економист, дипломиран, дипломиран социјален работник, психолог, педагог, лекар, дефектолог, андрагог, логопед, лекар, специјален педагог за превенција и ресоцијализација, здравствен работник, воспитувач и социолог )... да се додаде семејнолог и стручњак по родова проблематика во ниво А5.

Студенти и дипломирани на Институт за родови студии и семејни студии

Издвојуваме

Образование