X
 22.04.2015 Живот

Време е за полесно будење рано наутро

„Раното легнување и раното станување го прави човека здрав, богат и мудар“ - Бенџамин Франклин.

Утрата се најдоброто време за продуктивност. Зошто? Затоа што може да ги поминете онака како што сакате. Не сте биле истоштени од стресови за време на денот, не сте го наполниле телото со нездрава храна и не сте разговарале речиси со никој кој би ве изнервирал барем малку. Ова е периодот кога може да постигнете многу.

Но, сите знаеме како е кога наутро се будиме со алармот. Последна работа на која мислиме е продуктивноста. Сè што би сакале да направиме тогаш е да спиеме уште малку. Но, одложувањето на станувањето одложува и други работи. Така ја пропуштаме шансата за развивање навика за рано будење.

Колин Робертсон од „Will powered“ ни го кажува своето искуство со раното будење. И тој се будел доцна, како и голем дел од нас, но сменил некои работи за да ја промени оваа навика. Кои се тие работи?

Будете се на нешто интересно и забавно

Кога работите на добивање навика за рано будење, првата работа која сакате да ја сторите е да го навикнете телото на тоа. Дадете си добра причина за навикнување на телото на раното будење. Планирајте омилено хоби или гледајте ја омилената серија наутро.

Разбудете го мозокот

Го знаете чувството кога го гасите алармот. Не се чувствувате разбудени бидејќи мозокот е во фаза меѓу сон и свесност. За да го разбудите мозокот додека сте во оваа фаза правете нешто од оние работи кои луѓето велат дека не треба да ги правите пред спиење. Проверете „Фејсбук“, електронска пошта, играјте игра на телефонот итн.

Јадете го омилениот појадок

Појадокот е најважен, а можеби и најубав оброк во денот. Но за да станете од кревет едноставното јадење појадок не е доволно. Сакате да го јадете омилениот појадок. Кога вашиот мозок очекува награда како вкусна храна предизвикува лачење допамин, кој ни дава мотивација за дејствување и добивање на наградата која ја сакаме.

Ослободете се од нештата кои ви го одземаат вниманието

Очигледно е дека доколку сакате да се будите порано треба да се навикнете да легнувате порано. Ова е многу полесно да се каже отколку да се направи. Ослободете се од сите работи кои ви го одземаат вниманието и ве принудуваат да останете будни подолго.

Имајте цел

Ниту една од претходните промени нема да функционира доколку немате цел. Треба да знаете дека станувате за да правите нешто многу битно, станувате за да станете личноста која сакате да бидете, не поради другите. Најдете ја таа цел. Слатки сништа.

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот