X
 22.04.2019 Живот

Здрави навики со кои можете да ја направите Земјата подобро место за живеење

Секоја година на 22 Април се слави Денот на Земјата, сега веќе глобален настан кога милиони луѓе низ светот излегуваат на улиците да протестираат против негативното влијание на индустрискиот развој. Овој ден е и можност за сите нас да размислиме како можеме да ја направиме Земјата подобро и поздраво место за живеење.

Сè повеќе докази покажуваат дека биодиверзитетот е во опаѓање како резултат на употребата на пестициди и поради промените во околината направени од страна на човекот. Бројот на смртните случаи предизвикани од загадувањето се зголемува со алармантна брзина. Истражувачите утврдија дека секоја година повеќе од 6 милиони луѓе во светот умираат предвреме поради аерозагадувањето.

Можеби Денот на Земјата е одличен ден да се сплотиме и да ѝ укажеме чест на Земјата преку усвојување  нови еколошки навики со кои ќе се зачуваат ресурсите, ќе се заштеди енергија и ќе се промовира здравото живеење.

Еве неколку едноставни и здрави навики кои можете да ги додадете во секојдневните рутини и кои ќе помогнат да ја направиме Земјата почисто и подобро место за живеење.

Додајте растенија и зеленило во вашиот простор

Растенијата и зеленилото не се одлични само за декорирање на домовите, туку може да помогнат и во регулацијата на температурата преку влажноста што ја испуштаат во воздухот. Ова значи дека додавањето растенија во вашиот дом може да ја намали количината на енергија што е потребна за да се затопли или да се излади просторот. Има многу растенија што може да ви помогнат во прочистувањето на воздухот во вашиот дом. Всушност, повеќе студии покажаа дека растенијата може да помогнат за намалување на стресот, изострување на фокусот, па дури и за скратување на времето потребно за закрепнување од некои здравствени состојби.

Исклучувајте ги уредите навечер или кога не сте дома

Обидете се да стекнете навика да ги исклучувате електронските уреди во текот на ноќта или кога сте надвор од домот. Оваа навика не само што ќе помогне во максимирањето на вашата енергетска ефикасност туку и ќе ви ја намали сметката за струја.

Вежбајте јога на отворено

Ова може да донесе повеќе придобивки - од подобрување на вашето здравје и благосостојба до намалување на консумацијата на енергија. Според одредени истражувања, кај лицата што престојуваат во шумска средина има помала концентрација на хормонот на стресот, кортизол, во споредба со оние што живеат во урбани средини.

Избегнувајте или намалете ја консумацијата на месо

Истражувањата покажуваат дека веганството може да е најдобриот начин за спасување на планетата. Во спротивно, може да има опасни нивоа на климатски промени и поголеми можности за екстремни временски промени.

Студиите ја поврзуваат консумацијата на производи од животни со зголемен ризик од многу хронични состојби. Од друга страна, помалата консумација на месо се поврзува со многу здравствени придобивки, вклучително и помал ризик од дијабетес тип 2, дебелина, срцеви заболувања, како и продолжување на животниот век.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот